Пелистер ги испрати вардарки без бодови од Битола

Ракометарките на Пелистер се изборија за три бода на дуелот против Вардар и на тој начин дојдоа во важни поени пред почетокот на плеј-оф рундата. На коло до крајот од регуларниот дел дојде до мало изненадување, па составот на Пелистер кој остана без засилувањата од стартот на сезоната дојде до триу бода совладувајќи го Вардар со 25:22.

Гостинките го добија почетокот на средбата. Поведоа и постојано беа во предност, но некаде во финишот на првото полувреме битолчанки успеаја да ја преземат контролата на средбата и да дојдат до водство. Вардар последен пат имаше водство при 8:7, а потоа Пелистер беше тимот што имаше гол позитива при што вардарки мораа постојано да израмнуваат.

После 11:11 домашните имаа серија од три гола и пред заминувањето на одмор дојдоа до 14:11. Сепак, гостинките намалија за 14:12 на одморот.

Во вториот дел од средбата водството на Пелистер постојано беше од два до четири гола. Во ниту еден момент Вардар не успеа да ја покаже играта од почетокот на натпреварот, па остана на негативата која на крајот го остави без бодови. На тој начин Пелистер можеше мирно да го донесе натпреварот кон крајот и да го финишира со триумф од 25:22.

ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 25:22 (14:12)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

ПЕЛИСТЕР: Богоевска, Ристова, Наумовска, Јанкуловска, Босиловска, Раиф 6, Блажевска 4, Милосављевиќ 2, Талевска 2, Чокели 5, Белевска, Јанкуловска 6, Кајческа, Каранфиловска.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 2 мин.

ВАРДАР: Илиќ, Трајковска, Ѓеоргиевска 1, Божиновска, Џатевска 1, Ангеловска 1, Трпевска 4, Гроздановска 1, Костовиќ 2, Диневска 2, Миновска, Седлоска 6, Петковска, Стаменкова, Дамјановска 1, Николиќ 3.

Седмерци: 6/7, Исклучувања: 4 мин.