Пелистер ги враќа „своите“: Недановски, Митревски, Петровски, Кукоски…на пат кон Битола

Великанот на македонскиот ракомет, Пелистер, веќе неколку сезони се обидува да се врати таму каде што припаѓа, во врвот. Откако легендата Стевче Алушовски го замени на клупата Касим Каменица, битолчани се ориентираат кон засилувањата во играчкиот кадар следната сезона.

Од постоечкиот ростер, многумина ќе си заминат од Битола. Остануваат со сигурност пикерот Васко Димитровски, средниот бек Златко Везенковски, голманот Никола Даниловски, како и грузиското десно крило Реваз Чантурија, а за статусот на другите ракометари дополнително ќе се решава.

Од можните засилувања, Пелистер засега ги има пикирано левото крило на Вардар, Владо Недановски, кој планираше да се откаже од активно играње на крајот од сезона, но повикот од поранешниот клуб, веројатно ќе го премисли.

Голманот Никола Митревски исто така е на добар пат да се врати во матичниот клуб. По долги години минати во Вардар и Металург, како и по една сезона во португалската Бенфика, популарниот Никуш ја разгледува опцијата да се врати во родниот град.

Десниот бек Михаил Петровски, на кого му завршува договорот со унгарскиот Балатонфуреди, исто така е предмет на интерес на новиот тренер на битолчани. Ристо Вујачиќ имаше одлична полусезона, но се уште не се знае дали ќе продолжи во Битола, па искуството на Петровски сигурно ќе му дојде добро на Пелистер во градењето на новиот состав.

Милорад Кукоски, исто така би можел на лето да се врати во Битола. Моментално тој е ракометар на Одорхеи во романскиот шампионат, но му завршува договорот и би можел да ја продолжи кариерата во тимот каде настапуваше своевремено. Играч со неговите дефанзивни квалитети, сигурно ниеден тренер не би одбил.

Лошата финансиска ситуација во Металург, плус фактот дека македонските играчи немаат голема минутажа е факт што исто така може да го искористат во битолскиот тим, па за очекување е дека ќе има одлив од Автокоманда кон Битола.

Покрај македонските интернационалци, планот на битолачни и на нивниот нов тренер е да се засилат и со неколку интернационалци, со кои сигурно би биле конкурентен тим за врвот. Следната сезона Пелистер многу веројатно е дека нема да игра во европските купови, но амбициите ќе бидат големи во домашниот шампионат.