Патуваа 43 часа да стигнат на натпревар и на крајот – победија!

Ракометарките на шпанскиот тим Мекалиа Атлетико Гуардес славеа во првиот натпревар од третото коло во Купот на ЕХФ над рускиот претставник Кубан Краснодар предводен од Евгениј Трефилов со 26-27.

Ништо не е чудно на прв поглед во овој резултат, но ракометарките на Атлетико патуваа повеќе од 43 часа до рускиот град и на крајот успеаја да победат и покрај големиот замор. Тие ја почнале својата одисеја во петокот рано наутро со автобус од Ла Гуардиа до Мадрид.

Оттаму летале до Истанбул, но тука почнале непријатностите. Авионот на компанијата „Пегасус“ не полетал до Краснодар во определеното време и морале да го чекаат до 00:55 во сабота наутро. На крајот летнале, но поради густата магла, авионот бил пренасочен до Трабзон.

Ниту оттаму не можело да се лета до Краснодар, па по петчасовно чекање, авионот се вратил назад во Истанбул. Сепак во попладневните часови во саботата, имало дозвола за полетување до Краснодар, па шпанскиот тим пристигнал во рускиот град скоро по два дена пат.

Вечерниот тренинг бил откажан, ракометарките и стручниот штаб веднаш заминале на одмор, а во неделата на наптреварот кој започна од 14:00 часот победија со гол разлика, 26-27, па избраничките на Трефилов ќе имаат тешка задача во реваншот во Шпанија.

Проблеми немале само гостинките од Шпанија, туку и делегатката од Србија, Светлана Обучина, која пристигнала во Краснодар по неколку одложувања на нејзиниот лет од Белград до Москва, а потоа и до крајната дестинација.