Патуваа илјадници километри за да добијат автограми од Вардар (ФOTO)

По натпреварот меѓу Вардар и Мешков, во низата фанови кои ги чекаат своите херои да излезат од соблекувалните отскокнуваат двајца средовечни мажи. Двајца пријатели, Словаци, едниот од Жилина, а другиот од Прешов, двајцата со исто име Михал, а ги врзува спортот, поточно ракометот.

Во папките кои ги носат со себе, педантно се наредени сите играчи на Вардар, сите оние кои се пријавени во СЕХА лигата, со фотографија и информации за секој од нив.  Во редот трпеливо ги чекаат „црвено-црните“ и љубезно им пристапуваат за автограм и спомен од Скопје. Михал Доминик говори три јазика, покрај англискиот и германскиот, го познава и српскиот. Двајцата се фанови на Татран Прешов, за прв пат се во Македонија, а колку им значи Вардар, потврдуваат двајцата:

Замислете денес нашиот клуб Татран игра во Лисабон со Спортинг, но ние нема да можеме да го гледаме. Сакавме да бидеме тука, да ги гледаме Вардар и Мешков Брест.

Го следат Вардар повеќе години, а оваа се одлучиле да дојдат во Скопје да ја почуствуваат атмосферата на трибините во „Јане Сандански“. Имаат и омилени ракометари, а во „црвено-црните“ редови, особено се радуваат на автограмот на Дибиров и Карачиќ.

Додека полека се исполнуваат албумите со автограми, двајцата велат дека случајно се „заразиле“ со ова хоби, собираат автограми од ракометари, а Михаил Доминик има и незавидна колекција од автограми на атлети кои се занимаваат и со останатите спортови.

Напуштајќи го подтрибинскиот простор во СЦ „Јане Сандански“ останува позитивно чувство – ракометот не познава граници!