Парондo: Во Скопје се зборува и англиски, но во Вардар македонскиот е главен јазик

Стратегот на Вардар, Роберто Парондо е во центарот на вниманието на медиумите од Каталонија, кои ја искористија можноста од двомечот со Барселона да добијат одговори на интересни прашања.

Парондо е наследникот на Раул Гонзалес на клупата на Вардар и тој веќе сезонава покажа дека одлично се снаоѓа со тим кој е со помал ростер од оној што го имаше поранешниот стратег.

Секако, за медиумите во Шпанија интересно е тоа дали и Парондо го следи примерот на Раул Гонзалес околу јазикот на кој се зборува на тренинзите и на натпреварите. Воедно и да се види како тој се адаптира на условите во Македонија.

„Мислам дека успеав брзо да се адаптирам. Ова беше брза промена за мене, но успеав да се снајдам. Во Скопје сите зборуваат англиски и лесно е за комуникација низ градот. Сепак, кога е во прашање Вардар таму официјален јазик е македонскиот. Во клубот комуницираме на македонски“, изјави Парондо.

Во интервјуто за шпанскиот Спорт тој коментира и за утрешниот натпревар кој се игра од 19 часот. Барселона на овој натпревар влегува како фаворит за победа, но Вардар ќе се обиде да изненади.