Парондо и Царчев со пет сениори за Медитеранските игри

После завршувањето на обврските на сениорската репрезентација во баражот за Светското првенство во 2019 година, ракометарите сега влегуваат во нова мисија, а таа се однесува за Медитеранските игри.

На овие игри ќе има сигурно неколку од играчите кои беа дел од сениорскиот состав. Се работи за Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Мартин Велковски, Мартин Поповски и Гоце Ојлески. Четворица од нив играа и во Клуж, додека само Ојлески не доби шанса во овие квалификации.

Другите ракометари ќе бидат одбрани од ракометарите кои беа на подготовките и се перспектива за во иднина односно имаат шанси за да бидат дел од сениорскиот состав. Јасно е дека нема да има голман кој беше дел од репрезентацијата во квалификациите и дека Мартин Томовски и Никола Даниловски ќе добијат шанса на овој турнир.

Оваа селекција ќе биде спој на младост и на искуство, па ќе има што да се види на теренот во Тарагона.

Инаку, во Скопје ќе се тренира на 19 и 20 јуни по што на 21 јуни се заминува за Шпанија каде ќе се игра на Медитеранските игри во тешка група со Турција, Египет и Србија.