Палмарсон ја спаси честа на Барселона во домашниот шампионат (ВИДЕО)

Еден удар и тоа оној последниот по истекот на натпреварот ја делеше екипата на Ваљадолид од голем бод против неприкосновената Барселона. Сепак во редовите на каталонците играат ракометни супер ѕвезди од калибарот на Арон Палмарсон кој погоди по истекот на натпреварот за минимална победа на Барселона 29-30.

Екипата на Ваљадолид која се наоѓа на десеттата позиција во Асобал лигата во поголемиот дел од натпреварот беше подобар противник од шампионот. Предноста од четири голови на полувреме (18-14 ја одржуваа во добар дел од второто, но каталонците сепак успеаа да го свртат натпреварот и да поведат. И покрај тоа домаќините не паднаа психички, повторно најдоа сила да се вратат во игра и да го внесат натпреваот во неизвесна завршница. Последниот напад го имаше Барселона која не успеа да поентира, а остана само да го изведе последниот удар од девет метри по истекот на 60.минута. И кога сите мислеа дека Ваљадолид ќе биде тимот кој ќе ја запре Барса во домашниот шампионат, Арон Палмарсон ја покажа својата класа стрелајки над живиот ѕид за голема радост на своите соиграчи.

Македонскиот голман Ристовски не настапи на овој натпревар.

Погодокот на Палмарсон и големата радост на ракометарите на Барселона погледнете ги на следното видео.