Палевски: Русија е анализирана, се надевам на победнички старт во Алжир

Македонската младинска репрезентација денеска го одработи последниот тренинг пред утрешното заминување за Алжир. Избраниците на Илија Темелковски се уверени во своите квалитети, но не сакаат да се занимаваат со прогнози околу пласманот на Мундијалот. Левото крило Давор Палевски смета дека контролите со Катар добро им дојдоа.

„Натпреварите против Катар добро ни дојдоа за да видиме до каде сме. На првиот меч промашивме многу зицери, иако победивме, додека на вториот натпревар домашните играа груба одбрана и во вториот дел кога бевме егал, судиите им беа повеќе наклонети и Катар славеше. Слично ќе игра и Тунис, па знаеме како да им се спротиставиме.“ – вели Палевски.

Прв противник на Македонија ќе биде селекцијата на двометраши, Русија.

„Гледавме неколку видеа од Русија. Тие имаат одлични лев и десен бек, а нивните тројца пикери се високи по 2 метри. Подготвуваме специјална одбрана за нив и се надевам дека ќе имаме победнички старт на Мундијалот. Мислам дека на овој дуел и голманите ќе треба да придонесат со добар настап.“ – продолжува Палевски.

Се очекува температурната разлика да не биде голем проблем за младинците, бидејќи веќе беа во Катар, па знаат што ќе ги очекува и во Алжир. Македонија го почнува настапот против Русија, а во групата се уште и Шпанија, Тунис, Буркина Фасо и Бразил.