palevski

Палевски во гол ритам, Работнички сигурно до три бода

Екипата на Работнички дојде до триумф од 37:31 на дуелот против Металург 2 откако во најголемиот дел од средбата се наоѓаше во предност. Гостите иако се вратија во средбата и се обидоа да дојдат до резултат кој ќе им даде шанса да се борат за бодови немаа сили и на крајот мораше да се помират со пораз.

Од почетокот на натпреварот домашните имаа подобар ритам. Влегоа далеку подобро во оваа средба. Нерешено беше до 3:3, а потоа следуваа неколку грешки на гостите кои паднаа во својот ритам и дозволија Работнички да дојде до водство од дури 11:4.

Овие плус седум набрзо станаа и осум позитива. Во 25. минута резултатот беше 15:7 и тука полека веќе стануваше јасно дека составот на Работнички ќе има мирен тек на средбата и ќе има контрола на резултатот. Сепак, завршните минути од првото полувреме донесоа четири гола од гостите, па на одмор се замина со нешто помала разлика. Работнички имаше 16:11 и предност која не даваше гаранција за мирно продолжение на средбата.

Како одминуваше времето во второто полувреме така Металург почна да се доближува. Со нешто подобра игра пред сè во одбраната успеа да дојде до еден гол негатива, а тоа се случи при 24:23. Натпреварот тука доби на уште поголема динамика. Тренерите се обидуваа со различна стратегија да дојдат до подобар резултат. И покрај тоа имаше многу голови, а Работнички не дозволи Металург 2 да се врати повеќе.

Домашните одново обезбедија предност која им даваше сигурност бидејќи имаа 34:27, а до крајот имаше малку времеза пресврт. Работнички ја исконтролира разликата и до крајот со мирна игра дојде до победа од 37:31.

Ова беше игра во која Давор Палевски доминираше во тимот на Работнички, а мечот го заврши со 16 гола. Беше далеку најдобар и лидер во победата.

РАБОТНИЧКИ – МЕТАЛУРГ 2    37:31 (16:11)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

РАБОТНИЧКИ: Петковски, Куртановиќ, Михајловиќ 2, М. Кочаров, С. Кочаров, Гичев 5, Илиевски 1, Темелковски 5, Палевски 16, Јосифовски, Бошковски, Сулима 8, Полијак, Стефаноски, Фиданов.

Седмерци: 10/12, Исклучувања: 14 мин.

МЕТАЛУРГ 2: Василевски, Божиновски, Ацевски, Михајлов 1, Мелоски 5,Кофиловски 5, Савковиќ 3, Митиќ 1, Георгиевски, Љубевски, Стојановиќ 6, Гајиќ 4, Додиќ, Ефтимов, Стоилевски 6.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 14 мин.