Падна уште една лекција: Вардар со пола сили убедлив против Војводина

Актуелниот првак во СЕХА-лигата и моментален лидер на табелата, Вардар продолжи со одличните игри и со победите, а нова жртва беше тимот на Војводина. Серијата на успешни резултати во оваа сезона продолжи така што Вардар едноставно нема конкуренција во ниту едно натперварување.

300x250

Победата од 37:22 беше сосема очекувана против Војводина, а разликата од 15 гола на крајот беше само доказ дека тимот од Нови Сад е далеку зад „црвено-црниот“ состав кој продолжува да доминира.

Како што се очекуваше ракометарите на Вардар тргнаа мирно во мечот и напаѓачки така што брзо беше скршен отпорот на гостите од Нови Сад. На теренот беше комбиниран тим бидејќи Раул одлучи средбата да ја почне со Ѓорѓески на голот и со Недановски и Поповски на крилните позиции. Тројцата беа најдобри во отворањето на средбата, а првото полувреме крилата го завршија со по четири гола. Голманот Ѓорѓески, пак, собра 12 одбрани со што беше голема пречка за гостите.

Највисоката предност во првите 30 минути беше шест гола, а беше достигната во 25. минута кога Вардар водеше со 16:10. Истата разлика беше и четири минути подоцна при 17:11, но во завршните моменти беа примени два гола, па на одмор се замина со 17:13.

Продолжението од средбата беше формалност бидејќи Војводина немаше сили да го следи силното темпо. Полека се креваше темпото и предноста, па рано беше решен победникот на овој дуел. Вардар можеше да игра без товар до крајот и само да го полни голот на Војводина која не успеа да се снајде најдобро во вториот дел особено откако почнаа да губат со повеќе од десет гола разлика.

Со ова Вардар дојде до уште еден триумф во СЕХА-лигата и сезонава веќе има девет победи на девет средби со што е убедливо на врвот на табелата.

ВАРДАР – ВОЈВОДИНА    37:22 (17:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Мирко Палацковиќ и Озрен Бацкович од Словенија. Делегат: Камер Металари од Македонија.

ВАРДАР: Ѓорѓески (16 одб., 2 сед.), Штербик, Стоилов, Недановски 4/6, Поповски 10/15, Криштопанс 2/3, Мораеш 5/6, Македа 3/5, Кањелас 2/4, Циндриќ 2/5, Чупиќ, Дибиров, Шишкарев, Борозан 4/6, Војводиќ 3/5, Марсениќ 1/3.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 2 мин.

ВОЈВОДИНА: Јелиќ (11 одб.), Јандриќ (2 одб), Бијелац 2/2, Милиќ 2/2, Остојиќ 0/4, Надовеза 1/5, Стевовиќ 2/3, Ратковиќ 0/1, Трифковиќ 6/13, Николиќ 2/5, Радичевиќ 1/2, Бојаниќ 1/2, Грозданиќ 2/6, Радовиќ 3/4, Јеремиќ.

Седмерци: 1/3, Исклучувања: 6 мин.