Падна одлука за женската ЛШ: Осум екипи ќе се борат преку квалификации

Листата на тимови учесници во Лигата на шампионите во женска конкуренција за сезоната 2018/19 е веќе потврдена после денешната на средба на Извршниот комитет на ЕХФ која се одржа во Глазгов во Шкотска. Падна одлука за тимовите кои ќе настапуваат во Лигата на шампионите и за тоа дали ќе почнат од групната фаза или ќе играат во квалификациските турнири.

300x250

Според одлуката 14 екипи ќе играат директно во групната фаза додека осум екипи вклучувајќи го и победникот од сезоната 1995/96, Подравка, актуелниот освојувач на Купот на ЕХФ, Крајова и освојувачот на Челинџ купот Перла од Лубин ќе се борат за другите две слободни места преку квалификациите (се играат од 7 до 9 септември).

Од поранешните шампиони учество во групите ќе земат: Ѓер, Будуќност, Ларвик, ЦСМ Букурешт и Крим Меркатор како и екипите на Копенхаген и Одензе.

Ждрепката за квалификациските турнири за Лигата на Шампионките ќе се одржи во среда на 27 јуни во 11 часот во Виена додека ждрепката за натпревари од групната фаза ќе се одржи два дена подоцна во 12:30 часот.

Тимови кои ќе играат директно во групната фаза се: Ѓер (Унгарија), ЦСМ Букурешт (Романија), Будуќност (Црна Гора), Ростов Дон (Русија), Мец (Франција), Копенхаген (Данска), Вајперс Кристијансанд (Норвешка), Турингер (Германија), Крим Меркатор (Словенија), Савехоф (Шведска), ФТЦ – Рајл Карго (Унгарија), Одензе (Данска), Брест (Франција), Ларвик (Норвешка). Последните две места ќе бидат за победниците од двата квалификациски турнири.

На квалификациските турнири ќе играат: МКС Перла Лубин (Полска), Подравка (Хрватска), Јоми Салерно (Италија), Муратпаша (Турција), Бера Бера (Шпанија), ЗОРК Јагодина (Србија), СЦМ Крајова (Романија) и Битигхајм (Германија).