Падна и Луксембург – Македонија тргна кон полуфинале во Грузија

Репрезентацијата на Македонија со одлично второ полувреме во кое пред сè одбраната заврши одлична работа и му овозможи на нападот да ја круниса добрата игра дојде до вториот триумф на ЕХФ-шампионатот во Грузија. Денеска беше совладан составот на Луксембург со 31:25 и на тој начин со четири бода ќе се влезе во следните три пресметки на кои ќе се бара потврда за местото меѓу најдобрите четири на турнирот.

Почетокот на средбата против Луксембург беше во мал грч. Противникот покажа дека навистина има 3-4 ракометари кои се издвојуваат од другите и кои може да упатат удар од секоја позиција и тие задаваа најголеми проблеми на стартот.

Требаше време за да се најде противигра, а во тој период Луксембург постојано имаше гол предност. Така беше до 4:3 во 9. минута кога со двата гола на Костески кога Македонија ја презеде иницијативата.

Денеска немаше простор за играчите на десната страна, а тоа беше и јасно после вчерашната одлична партија. Затоа ова одлично го користеше Џигероски, кој успеа да постигне четири гола во првиот дел од средбата.

Откако Македонија го презеде водството успеа да дојде и до предност од два гола. Првпат поведе со 7:5 во 13. минута, но немаше простор и за поголемо водство. Овие два гола се чуваа постојано. Македонија имаше два гола и пред крајот на првиот дел, но тогаш дојде до мало опуштање, па Луксембург успеа да израмни и на одмор да биде 14:14.

Второто полувреме тргна со напад на Македонија и со постојана предност. Двата гола беа брзо вратени, но потоа следуваше ново израмнување од Луксембург на 18:18. Тука можеби беше и клучниот момент на средбата кога Македонија со четири гола по ред дојде до 22:18 и во 44. минута имаше убава позитива.

Оваа предност беше зголемена и до шест гола, а во меѓувреме Растодер и Гуден кои задаваа најголеми проблеми беа исфрлени од игра. Затоа, пак, Василевски донесе неколку одбрани кога беше најпотребно, додека левиот бек Џигероски и пивотот Симоноски имаа одлична партија во нападот. И двајцата ја користеа максимално секоја можност за да дојдат до простор за шут и беа ефикасни. Сепак, Костески и на овој меч беше прв стрелец со девет гола.

Македонија со вториот триумф веќе се доближи до полуфиналето, а јасно е дека исто како и на младинскиот шампионат во Скопје и тука за првото место во групата ќе се решава на дуелот против Швајцарија.

МАКЕДОНИЈА – ЛУКСЕМБУРГ   31:25 (14:14)

Сала: Олимписка во Тбилиси. Судии: Руслан Лошак и Артем Шајбаков од Украина. Делегати: Леван Гелашвили од Грузија и Ојвинд Тогстад од Норвешка.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (3 одб., 1 сед.), Василевски (8 одб., 1 сед.), Тодески, Божиновски 1, Карапалески 1, Каковски 1, Кондев 1, Серафимов 3, Митиќ, Костески 9, Ѓорѓиев 2, Џигероски 6, Анѓелковски, Ќосевски, Витанов, Симоноски 7.

Седмерци: -, Исклучувања: 10 мин.

ЛУКСЕМБУРГ: Авалон (3 одб.), Хадровиќ (3 одб.), Гуден 6, Крак, Кајсен, Попеску 1, Јакоби, Шнајдер 1, Кремер 1, Шустер 1, Мајерус, Хоџиќ, Растодер 8, Митреа 3, Вердел 2, Етуте 2.

Седмерци:  3/5, Исклучувања: 22 мин.