Павел Атман две години кај шампионот: Вардар е шанса да се вратам во старата добра форма

Ракометарот за кој синоќа објавивме дека е пред враќање во Македонија, но во дресот на Вардар, Павел Атман во изјава за руските медиуми потврдува дека тој дефинитивно доаѓа назад во Скопје.

Тој е задоволен што веќе има договорено сè, но воедно се надева и дека во Вардар ќе успее да ја врати старата форма во која играше особено кога беше дел од екипата на Металург каде што имаше одлични партии.

„Многу ми е драго што после тежок период во мојата кариера добив шанса да се приклучам на освојувачот на Лигата на шампионите, Вардар. Се надевам дека сè ќе биде позитивно. Разговарав со менаџментот и со тренерот и навистина се надевам дека ќе можам да ја вратам мојата вообичаена форма. Се надевам дека црниот период во мојата кариера е завршен. Веројатно Хановер не беше клубот кој ми одговара, а ниту Бундес лигата. Се надевам дека во Вардар ќе успеам“, коментира Атман.

Според информациите репрезентативецот на Русија ќе потпише договор со Вардар на две години.