Охриѓани сезонава му лежат на Пролет

Екипата на Пролет забележа уште една победа против тимот на Охрид која е трета сезонава, а имаат и едно реми. Овој триумф беше забележан со 28:25 и тој донесе нови важни бодови за екипата на Пролет во битката за 4. позиција.

Средбата тргна со израмнета игра во која имаше неколку гола на двете страни. Охрид водеше со 1:0 и 2:1, а потоа работите се изменија. Пролет одигра цврсто во одбраната и ги затвори приодите кон голот на Коруновски, па во нападот тоа беше искористено за да се создаде предност од три гола и да се води со 6:3.

Овие три гола создадени после 11 минути игра се одржуваа и во следните неколку минути, а беа и зголемени на четири (10:6), што даваше можност за мирно продолжение на натпреварот. Сепак, тука охриѓани успеаја да се вратат и да стигнат до два гола негатива, па оваа разлика се одржуваше во продолжение.

Пролет постојано беше во предност од три гола, но составот на Охрид успеваше да намали, па со два гола разлика и резултат 16:14 се замина и на одмор.

Десет минути игра во второто полувреме беа доволни за да падне одлука кој тим ќе ги освои денеска бодовите. Пролет успеа да создаде предност од пет гола откако имаше подобра реализација. Охрид се обиде со соло акции, но ова солирање најчесто одеше преку Кобетиќ кој беше индиспониран на овој меч. Тука Пролет казнуваше на секоја грешка, па лесно беа обезбедени 23:18.

Тука дојде до мала криза во нападот на Пролет, па ова отвори шанса за охриѓани. Тие постигнаа четири гола во серија и намалија на 23:22 и тоа на осум минути до крајот. Голема заслуга тука имаше и голманот Колев кој запре неколку удари и овозможи Охрид да се врати во средбата.

Голот за прекинување на лошиот период на Пролет дојде до пенал во 53. минута. Мартин Манасков реализираше после 11 минути без погодок и донесе 24:22, а овие два гола разлика се одржуваа до крајот на средбата и беа зголемени за конечни 28:25.

ПРОЛЕТ – ОХРИД           28:25 (16:14)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Спаско и Глигор Ќаеви од Скопје. Делегат: Драган Начевски од Скопје.

ПРОЛЕТ: Коруновски (2 одб.), Кимевски (5 одб., 1 сед.), Кристо, Ф. Василевски 4, Јовчевски 2, Давитковски, Мајнов 2, А. Василевски 1, Ролевски 1, Трајковски 6, Андоновски 2, Дамчевски, Стојановски 1, Манасков 9.

Седмерци: 1/4, Исклучувања: 8 мин.

ОХРИД: Трајкоски (3 одб.), Колев (8 одб., 3 сед), Георгиески 2, Андоноски 5, Иваноски, Младеновски 5, Блажески 4, Костов, Ристески, Јанчев 5, Тасески, Кобетиќ 2, Андоновски, Димитриески, Димитријески 2.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 10 мин.