Охрид со полн плен од Битола

По победата над Работнички, ракометарите на Охрид со полн плен како никогаш досега, се враќаат од Битола и гостувањето кај Пелистер, откако славеа полесно од очекувањата со убедливи 19-25.

Битолчани отворија со водство од 4-1, но до крајот на полувремето избраниците на Раде Стојановиќ полека но сигурно ја топеа домашната предност и на пауза се замина со 10-10.

Во вториот дел домашните снемаа сили, гостите искусно и полека, но сигурно го зголемуваа водството. Најпрво беше 12-14, потоа беше и 14-16.

Се чини дека клучната серија се случи кон средината на вториот дел кога  по 15-17, охриѓани погодија четири пати во серија за 15-21.

Александар Зарков се обиде со тајм-аут да го наруши ритамот на гостинските ракометари, но пелистерци немаа сили за камбек во натпреварот и мечот заврши 19-25.

Најдобри во домашниот состав беа Дрогришки и Буторац со по пет погодоци, додека кај гостите од Охрид се истакнаа Кривокапиќ и Блажески со по шест голови.