Охрид беше одличен ривал, но бодовите останаа за Пролет

Пролет дојде до победа на стартот од сезоната откако го совлада тимот на Охрид со 28:24 во меч кој беше максимално интересен и покажа дека и двете екипи имаат право да се надеваат на висок пласман и во овој шампионат. Бодовите, сепак, останаа за тимот кој покажа повеќе така што  охриѓани шансата ќе ја бараат на следните средби.

Само шест минути игра беа потребни за тренерот на Пролет, Никола Матлиески да мора да го побара првиот тајм-аут. Неговите ракометари никако не можеа да го најдат патот до голот, а во меѓувреме примија четири погодоци поради што мораше да се интервенира. Сепак, откако шест минути Пролет немаша гол успеа во следните седум да го сочува својот и да постигне три, па во 13. минута ова беше причина Горан Андоноски да мора да побара минута одмор и да ги посоветува своите ракометари.

Израмнувањето дојде при 5:5 и тука средбата влезе во еден интересен тек во кој ниту еден од тимовите не можеше да направи поголема предност. Гостите дојдоа до плус два и поведоа со 10:8, но тука следуваше реакција од страна на ракометарите на Пролет кои во финишот на првото полувреме имаа свој период и успеаја да се изборат за неколку погодоци со кои стигнаа до предност, која на неколку секунди до одморот беше и два гола, 13:11. Сепак, капитенот на Охрид најде начин како да дојде до погодок од далечина и на одмор да донесе негатива од еден гол, па Пролет замина со водство од 13:12 на пауза.

Вториот дел почна со одлична игра на домашните кои успеаја да влезат во продолжението со силен ритам и брзо да стигнат до предност од шест гола. Поведоа со 20:14 и на тој начин се изборија убава предност која им гарантираше сигурно продолжение. Меѓутоа предноста ја снема набрзина бидејќи Охрид со четири гола по ред дојде до намалување на водството и дојде до 20:18.

Тука се влезе во интересен период и постојано разликата се движеше од два до три гола. Пролет беше во предност која знаеше да ја зачува до крајот и да не дозоволи изненадување. Андоновски и Манасков се погрижија на 90 секунди до крајот Пролет да дојде до плус четири и веќе беше јасно кој победува на овој дуел бидејќи и Мајнов стави точка на средбата.

ПРОЛЕТ  – ОХРИД           28:24 (13:12)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ПРОЛЕТ: Кимевски (5 одб.), Коруновски (5 одб.), Кристо, Ф. Василевски 5, Јовчевски 3, Давитковски, А. Василевски 1, Манев, Трајковски 8, Андоновски 4, Џонов, Мајнов 2, Дамчевски, Дука, Стојановски, Манасков 5.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 12 мин.

ОХРИД: Јовановски (4  одб.), Брауновиќ (10 одб.), Андоноски 3, Ивановски, Костов, Блажески 9, Димитриески, Соколов 1, Андоновски, Тасески 5, Ристески, Георгиевски 2, Симоноски, Димитријески, Петровиќ 1, Везенковски 2.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.