ОФИЦИЈАЛНО: Штербик две години во Веспрем!

Голманот на Вардар, Арпад Штербик сепак нема да оди во пензија на крајот на оваа сеозна, туку ќе се врати во тимот каде што играше пред многу години, Веспрем. Унгарскиот шампион веќе потврди дека останува без услугите на Мирко Алиловиќ, и дека Штербик заедно со Роланд Миклер ќе го сочинуваат голманското дуо на тимот предводен од Врањеш.

Штербик беше еден од главните играчи на македонскиот првак во минатата сезона, кога „црвено-црните“ стигнаа до европската круна, а слични перформанси џинот на голот прикажува и оваа сезона, па во неколку наврати беше спасителот на тимот на Гонзалес. Со неговото заминување Вардар ќе загуби многу, но се очекува наскоро да биде познат и името на неговиот наследник.

Штербик ја почна кариерата во Ада, пред да се пресели во 2001 во Веспрем, каде што остана три сезони. Сите три години додека беше дел од унгарскиот тим, освои двојна круна. Во 2004 година замина во Сиудад Реал, каде освои три европски титули, а потоа беше и голман на Барселона од 2011 до 2014 година. Додека беше во Шпанија освои седум пати титула во Асобал Лигата и три пати трофеј во шпанскиот Куп.

Во 2014 година му се приклучи на Вардар и веќе четврта сезона го носи дресот на македонскиот шампион. Досега освојуваше титули во македонскиот шампионат, во Купот на РМ, во СЕХА Лигата и во Лигата на шампионите, а во Келн беше прогласен за МВП на Ф4. На репрезентативен план настапуваше за Србија, со која има два пати освоено бронза на СП, а подоцна беше дел и од Шпанија. Беше прогласен во изборот на ИХФ за најдобар светски ракометар во 2005 година.