ОФИЦИЈАЛНО: Металург најде замена за Костески

По заминувањето на Никола Костески, Металург беше во интензивна потрага по ново десно крило. Македонскиот вицепрвак изборот го направи во Хрватска, а како што пишуваше 24Ракомет младиот Анте Токиќ остави најголем впечаток кај Червар и стручниот штаб на тимот од Автокоманда.

Денес 23-годишниот Токиќ официјално беше преставен пред македонската ракометна публика. Тој важи замлад и перспективен ракометар од Хрватска, досега настапувал за екипата на Вараждин, а од оваа сезона е и дел од поширокиот список на сениорската репрезентација на Хрватска.

Токиќ потпиша двегодишен договор со Металург, во екипа која е долги години дел од европскиот ракометен крем како што истакна младиот Хрват.

Металург е големо име во европскиот клупски ракомет и долги години е дел од Лигата на шампионите. Тоа е тим што никогаш не се предава, па така Металург во минатата сезона беше еден од ретките што успеале да го поразат Вардар, а тоа многу кажува за карактерот на мојот нов клуб. Во Металург дојдов за да направам чекор напред во мојата спортска кариера, а особено задоволство ми претставува можноста да заиграм во две исклучително силни лиги, какви што се Лигата на шампионите и СЕХА-лигата. Но, една од најважните причини за моето доаѓање во Скопје е Лино Червар, од кого во следните две сезони очекувам да научам многу за спортот со кој се бавам“, изјави Токиќ за официјалниот сајт на Металург.

Со потписот на Анте Токиќ, Металург ја заокружи десна крилна позиција на која ги има и Александар Гуглета и младинскиот репрезентативец на Македонија Мице Шилегов.