Официјално: Белгиецот Ќерими потпиша за ППД Загреб

Екипата на ППД Загреб го „украде“ Арбер Ќерими од Металург и во новата сезона ќе има засилување на позицијата среден бек. Репрезентативецот на Белгија веќе е член на шампионот на Хрватска и се очекува на следните средби да биде дел од тимот во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите.

Ќерими беше во Македонија и работеше заедно со другите ракометари на Металург на Маврово, но после враќањето во Белгија побара повеќе пари. Сега е веќе јасно дека тој добил понуда од Загреб и тактизирал, па Металург остана без засилување на бековската линија, а Червар доби играч со кој добива поголем избор.

Ваквиот епилог на настаните 24Ракомет го најави пред два дена, а денеска информацијата само е потврдена, а и самиот играч вели дека е презадоволен што се сели во Загреб.

„Пресреќен сум што дојдов во еден од најголемите клубови кога е во прашање европскиот ракомет. За Загреб знам многу. Сите најголеми имиња на хрватскиот ракомет играа овде и голема е честа, но и обврската да се носи овој дрес. Се радуваш што наскоро ќе заиграм со овие одлични момци со кои одработив неколку тренинзи и можам само да ветам дека ќе дадам сè од себе да му помогнам на Загреб во остварувањето на клупските цели“, изјави Ќерими после потпишувањето на договорот.

Тој доаѓа од францускиот шампионат каде играше за екипата на Сесон Рен, а во својата кариера има играно за екипите на Унион Бејонс, Тонгерен и Спортинг Нело. Трите се натпреваруваат во пренството на Белгија. Се работи за играч кој е висок 180 сантиметри и висок 77 килограми и е главен во играта на репрезентацијата на Белгија.