ОФИЦИЈАЛНО: Алиловиќ го засили најголемиот ривал на Веспрем!

Хрватскиот репрезентативен голман Мирко Алиловиќ по цели седум сезони ќе си замине од Веспрем и ќе му го отстапи местото на вардаровиот чувар на мрежата, Арпад Штербик. Алиловиќ, пак ќе го засили најголемиот ривал на Веспрем, ПИК Сегед, каде доаѓа на местото на Хозе Мануел Сиера, па заедно со Марин Шего ќе формираат хрватско дуо на голот на унгарскиот тим.

„Задоволство ни е да потврдиме дека по долги преговори потпишавме тригодишен договор со Мирко Алиловиќ од идното лето. Хрватскиот голман ќе биде важно засилување за нашиот тим и тој е среќен што доаѓа во Сегед. Нашите амбиции се исти со неговите и се надеваме на заеднички успеси во иднина.“ – изјавија од раководството на ПИК Сегед.

Aлиловиќ потекнува од тимот на Извиѓач Љубушки, а има настапувано за шпанскиот Адемар Леон и за словенечкиот Целје, пред да се пресели во Унгарија.

Покрај Алиловиќ, можно засилување за ПИК Сегед е и вардарецот Хорхе Македа, кој би требало да го надополни заминувањето на Денис Бунтиќ. Блиску до потпис со унгарскиот вицепрвак е и словенечкиот репрезентативец Ник Хенигман од РИКО Рибница, кој веќе дебитираше за националниот тим под водство на Веселин Вујовиќ. Од Сегед заминува Бразилецот Тиагуш Петруш, кој ќе ја засили Барселона.