„Отровни стрели“ кон Вујо: Каде беше Вардар кога ти го водеше?!

Поранешниот тренер на Целје, Горење, Крим, Колдинг, Баја Маре, а сегашен на Дебрецин, како и поранешен селектор на Црна Гора, и на машката и женската репрезентација на Словенија – Тоне Тисељ, отворено го критикуваше сегашниот предводник на неговата земја – Веселин Вујовиќ. Тисељ за словенечките медиуми го искажа незадоволството од работата на Вујо со националниот тим.

„Ние никогаш не сме имале подобар тим од сега. Момците веќе направија неколку одлични резултати, беа шести на ОИ и трети на СП. Но сегашниот нивен предводник секогаш ги малтретира момците, им вели дека немаат карактер…Тој заборави дека тие момци му го донесоа најдобриот резултат во неговата кариера. Неговиот стил на работа не е компатибилен за овие момци. Како можат ракометарите да одат среќни на собир на репрезентација, кога знаат каков човек ги чека таму. Какви беа резултатите на Сиудад Реал и на Вардар кога овие тимови беа тренирани од Вујовиќ? Зошто тој мораше да си замине од двата тима? Како Србија и Македонија играа под негово водство? Одговорите на сите овие прашања лесно можат да се најдат на интернет. Тактичката подготовка за натпреварите на словенечката репрезентација е далеку од сите светски стандарди. Нашите момци играат во најдобрите клубови, работат со тренери што ги следат сите трендови. Кога ќе дојдат во националниот тим, се е поинаку“, вели Тисељ упатувајќи низа критики на адреса на Вујо мајсторе.

Вујовиќ во моментов е без клупски ангажман по заминувањето од Железничар, а дали ќе остане само на клупата на Словенија и нема да биде тренер никаде, останува да видиме.