Ослабениот Металург на гости кај Мешков Брест

Вчерашната пресметка меѓу Вардар и Железничар која заврши со победа на „црвено-црните“ од 30:25 го отвори 2. коло во СЕХА-лигата, а денеска на програмата се уште три нови пресметки.

Првиот дуел денеска се игра во Белорусија каде Мешков Брест е домаќин на Металург. Некомплетните „металурзи“ му гостуваат на шампионот на оваа земја, а средбата почнува од 17:15 часот.

Металург остана без капитенот пред овој меч. Филип Кузмановски побара раскин на договорот и дефинитивно сега се очекува клубот каде ќе ја доигра оваа сезона. Мартин Велковски, пак, поради повреда остана во Скопје, па ова се двајца ракометари од првата постава во бековската линија кои не можат да му помогнат на тимот.

Без нив ќе му биде тешко на Данило Брестовац да го одигра сето она што го има замислено бидејќи се намалува и бројот на играчи за во одбрана и за во напад, па ќе мора да се комбинира.

Мешков Брест е фаворит на оваа средба, но на Металург е да покаже дека има квалитет за да парира. После овој меч ќе бидат одиграни и дуелите меѓу Војводина – Татран Прешов (19:00ч) и Извиѓач – Нексе (20:45ч).