Олимпијакос е првиот финалист на турнирот „Боро Чурлевски“ во Битола

Ракометарите на Олимпијакос забележаа и втора победа на Меморијалниот турнир во Битола „Боро Чурлевски“ откако после победата над Пелистер на стартот од турнирот денеска се изборија и за триумф над Шербур од 26:25.

Оваа победа значеше дека утре Шербур ќе игра во мечот за 3. позиција, додека Олимпијакос ќе биде финалист.

Од почетокот на средбата Олимпијакос беше тимот кој го диктираше резултатот и беше во водство. Постојано имаше позитива која најчесто беше од гол до два. Имаше игра гол за гол која траеше во еден добар дел од натпреварот, а потоа работите се изменија и пред заминувањето на одмор Олимпијакос дојде до два гола предност и на паузата имаше 13:11.

Вториот дел донесе постојана предност за составот на Олимпијакос кој имаше два до три гола позитива. Немаше проблеми за да успее да го зачува водството и тоа го правеше успешно.

На четири минути до крајот, Французите успеаја да стигнат до гол негатива и да имаат 23:24, а тука дојде и до шанса за израмнување. Со реми Шербур ќе завршеше на врвот, но не успеа да искористи, па Олимпијакос одново зголеми на плус два. Сепак, во финишот Шербур ја имаше меч топката. Имаше 30 секунди и напад за ново реми, но шутот на Гунко заврши со одбрана на голманот Цилимпарис.

Тоа му донесе финале на Олимпијакос, а овој тим го очекува противникот за утрешниот дуел за трофејот.