ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: 60 минути македонска гордост

Македонија – Словенија на првиот меч на Европското првенство. Сите се надевавме на некое чудо, кое ќе го донесе командантот Раул и потајно во себе се надевавме на победа, но ова ги надмина нашите очекувања. Каква храбра игра на нашите македонски херои. До последната минута. Нешто што ретко сме го гледале досега.

300x250

Иако почетокот беше во грч и со ептен малку голови, надеж ни даваше тоа што и нивната игра ја затворивме и не се „разлетаа“ теренот. Скок бранеше како во транс, просто да не поверуваш дека некогаш ќе престане. Манасков промаши неколку удари, ама гледаме и си викаме тоа нема шанси така да биде до крај, едноставно ќе се сврти тркалото. И така бидна. Почнаа да погодуваат еден по еден, се отвори игра, а и Митревски почна да фаќа топки. Одбраната главно беше многу добра и концентрирана, а Столе во нападот прав махер. Мислам дека половина утакмица него го гледав, какви не финти измисли. Кога ќе го фатат, па ќе им клапне со својата завидна тежина, ги влече по еден, двајца со него на под. Кога ќе почне да ги турка накај 6 метри, врти, врти, тежи им, права легенда. Миркуловски, па дали е можно таков борец мајка да роди? На страна изнудени пенали, пробивање и слично, ама таа борбеност…

Во еден момент се најде на позиција на десно крило, лета во воздух, нозете на една страна, главата на друга, раката на трета страна позади грб шутира. Судиите забегаа со исклучувања, не дека повеќето незаслужени со оглед на прегрубата игра на Словенците. Не знам колку често може да се гледа натпревар со толку исклучувања. Во првото полувреме не ги користевме баш. А на последниот тајм-аут на околу 2 минути до крај на полувремето, тие имаа 3 гола предност и Вујо им рече, ајде, сега може да направите 4 гола предност и да одите така на полувреме. Јас не знам што си рекоа нашиве, ама знам дека кога влегоа на терен, така нападнаа, што набрзина им дадоа 2 гола и во целата нивна збунетост успеаа да израмнат.

Изгледа дека долго им траеше збунетоста, затоа што кога влеговме во второ полувреме, нападнавме со сите оружја и ги заводевме со 4 разлика. Е тука Манасков се разбуди, а ние грлата ги пуштивме на максимум. Надежта порасна и вербата дека може да победиме стана реалност. За жал, добрата серија беше прекината со низа исклучувања од наша страна. И тоа долга низа, затоа што останавме со тројца во поле. Не знам дали тоа некој го гледа така често, ама очигледно организаторот не испланирал место на семафорот за толку исклучувања, па не можеше да ги брои. Вака- така успеаа да не` стигнат и си мислевме дека ќе биде како и до сега, последните 10 минути ќе немаме веќе сила да даваме отпор. Ама не беше така.

Овие наши ракометни борци не` демантираа до максимум. Се бореа, гол за гол, па пак бркајќи 2 гола предност, а ние не си верувавме на своите очи. Манасков заврши со 8 гола на крај. Кире капитенски, иако играјќи со фластер во второто полувреме, успеваше да поврзе игра и разигра. Гоце успеа да даде клучен гол. Па и Филип Лазаров, исто така, во еден момент се најде сам на линијата од 6 метри, што како малку да го збуни, но погоди. Последните 2-3 минути беа како во бунило, посебно за Словенците. Сите топки им избегаа, а нашите не губеа концентрација. Гледаме и не веруваме дека ова стварно ќе биде победа. Збрка на секунда до крајот, не ни е јасно што е судено, кога истекува времето и скокаме од радост.

Оваа победа веќе ги надмина нашите очекувања, а надежите за повеќе остануваат.

Браво за нашите ракометари, борци невидени! Браво за нашиот Раул, од Бога даден! Браво за нашата фаланга, верна и обединета! Браво Македонија!

Пишува: А.К.Н.