ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Шампионот е сепак, ШАМПИОН!

Оваа навивачка сезона започна со толку промени, неизвесности, без очекувања… Па дури и без ТВ пренос, но сепак има само една константа – шампионот Вардар.

Првата утакмица кај актуелниот шампион дома. Јас штотуку се вратив од пат, фрлив куферите, се спремам да гледам на раат… кога, нема пренос за мене. Замислете, за мене!

Да не цитирам што се` ми помина низ глава, настана општа паника, утакмицата веќе почна, не се гледа ни онлајн… Брзо отрчав до најблискиот кафич, ги замолив да ми пуштат, одвај го најдовме каналот и кога гледам, изедначен резултат, дваесетта минута. Ооо, супер си викам, интересно ќе биде за гледање. Како што минуваа минутите, не интересно, просто не ми се верува. Ги водиме 4 разлика, средина на второ полувреме, не ми е јасно ни како ни што одигравме, ама судија свири крај и ние си тепаме лабаво у сред Монпеље. Кога ме удри тука една среќа, ДА, па ние ќе уживаме и оваа сезона во одличен ракомет. Новиот голман за мерак, Борозан трча контри, Чупиќ вратен во форма, а Скубе, како да бил дел од тимот отсекогаш.

Со уште поголема радост ја дочекав втората утакмица, дома, конечно дојде време да се вратиме во сала и бар на 2 саати да заборавиме на сите други грижи, да живееме за ракомет. Тука ме пречека едно разочарување, салата не беше ни пола полна. Верувам дека играчите уште повеќе го доживеале тоа како разочарување. Иако после првата утакмица јасно беше дека Кристијанштад ќе биде лесен плен за овој нов тим на Вардар. Сепак поддршката ја заслужуваат и заради минатото, и за иднината. А тие почнаа како да е финале. Не знам колку долго стоеше НУЛА на другата страна на семафорот. Имаше во салата неколку навивачи за гостите, еднаш во 10 минути ќе се израдуваа дека дале гол. Откако се направи разликата, атмосферата во полупразната сала стана баш како за попладневна дремка. За среќа имаше една група расположени навивачи што почнаа да пеат, па ги разбудија и другите. Во еден момент толку гласно се пееше како да е утакмица за пласман, ама така и треба да биде кога навиваш за шампионски тим.

Последната четвртина Парондо ги пушти во игра сите млади и нови играчи одеднаш, само со Шишкарев како поддршка. Тука можевме да видиме дека Војводиќ има храброст. Мартин Поповски вежба да игра на десен бек. Новиот пикер Глеб (да ми прости уште не знам да му го изговорам презимето) некако стегнат од германската школа, а сака да се израдува. Фали искусен втор лев бек, по повредата на Горбок… Но како целина, овој Вардар може да игра оваа сезона, дури и во оваа страшна група, како што, мислам, не се паднала никогаш досега. Огромна благодарност до „старите“ играчи што останаа во оваа наша приказна.

Металург не стигнав да го гледам. И заради немање пренос и затоа што прилично се разочарав што и покрај добиената шанса за Лига на шампиони, тимот повторно влезе во сезоната со тие проблеми што ги слушаме со години. Штета…

Сепак, имаме шампионски тим кој игра таму, па останува на нас да му ја дадеме поддршката што ја заслужува. Се гледаме на 6 октомври, се надевам, во ПОЛНА сала!

Пишува: А.К.Н.