ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Ракометна рапсодија на Вардар

Возбудлив викенд со три меча во Лигата на шампионите. Сите активности за време на викендите се диктирани од ракометните натпревари. Домашни обврски, ручек, гости… се` треба да биде наштимано за во тие вкупно 6 часа целото внимание да биде посветено на ракометот. Затоа што има што да се види, а богами и да се ужива во она што се гледа.

300x250

Женскиот тим на Вардар имаше клучно гостување во Унгарија, земја која слично на нас живее за ракометот. Овој меч одлучи кој ќе го заземе првото место во примарната група. Унгарските тимови не се секогаш најдобри и со врвни играчи, но играат со многу жар, огромна поддршка од публиката, впрочем нешто што го живееме и ние овде. Вардар играше без Андреа Лекиќ, срцето на тимот. И` посакуваме што поскоро опоравување. После фантастичниот старт, повторно ги имавме оние минути на црна дупка околу четириесеттата минута, за среќа при водство од 7 разлика. Во случајов не беше само до нашите девојки, туку и до двете девојки кои го судеа мечот. Покрај лоши одлуки, па потоа компензација, главно нешто што може да иритира при судиски одлуки е досудувањето исклучувања со нееднаков критериум. Тука не само што се оштетува едниот тим кој игра со играч(и) помалку, туку многу полоша последица знае да биде повредувањето на некои играчи заради несанкционирана груба игра во одбрана. За среќа во овој натпревар ние ја имавме прекрасната Лејно, толку нежна на лик, а толку цврста во одбраните. Потоа Лакрабер, која, се чини, не потклекнува под стрес и знае да погоди во разни клучни ситуации. Пенезиќ е стандард, неверојатна голгетерка. А секако водач на играта беше која друга, ако не Драгана Цвијиќ. Се бори, застанува како ѕид без да направи недозволен фаул, погодува, трча, се радува, ги мотивира другите, сега ми е јасно зошто не ни` беше омилена досега. Но и јасно е како може одеднаш да ти стане толку мила, да ти дојде да ја гушнеш. Што ти значи љубов кон својот тим. И тоа тимот кој повторно ја понесе победата, 5 од 5.


За гостувањето, пак, на машкиот тим на Вардар во Загреб, не ни помислувавме дека победата може да биде доведена во прашање. Што и апсолутно се потврди на терен. Тотална доминација во играта, победа со голема разлика. Штербик бранеше така, што ме потсеќаше на некој џин нападнат од обични луѓе, кој со минимални движења ги одбрануваше нивните налети. Толку ладнокрвно, толку неверојатно, чудо од голман, легенда на ракометот за сите времиња. Во еден момент толку слабо делуваше Загреб, што почнав дури да коментирам: Смени го голманов, другиот е подобар од Скок. Не знам, можеби Чупиќ беше тој што им го сруши моралот на нивните голмани, изведувајќи перфектни 7 пенали, без трепкање. Интересно беше тоа што противниците играа 7:6 во напад, а Вардар брзо се адаптираше во одбраната, па успеаа да постигнат неколку летечки голови преку сала во нивниот празен гол. Да не пропуштиме да споменеме, Кањелас трчаше контри. Столе упорно, без попуштање, ги туркаше противничките играчи зад линијата од 6 метри, па паѓаа како кегли, по двајца одеднаш. Повторно одлика беше тимската игра, како на пример перфектната асистенција на Дибиров до Шишкарев во контра, каде што Дибиров имаше играч на грб и немаше шанса да постигне гол, па трчајќи назад успеа да му ја подаде топката право во рака на Шишкарев за да погоди. Меѓу најсимпатичните моменти кој ни го долови камерата, а повторно покажа дека тимот е максимално поврзан, беше кога му се соблече патиката на Шишкарев, па тој седна на клупа. Македа ја зема патиката да му ја одврзе врвката, за да му помогне, како божем тоа да е најтешката работа на светот.

Интересен натпревар за гледање, што го покажа и присуството на интересни ракометни имиња во публиката како Лино, Вујо, Шола итн. Загреб отсекогаш ми бил меѓу посимпатичните тимови, има одлични играчи, да не го спомнувам Мандалиниќ кој е чудо од дете. Штета што никако не можат да најдат тренер кој ќе направи синергија и ќе го донесе тимот на повисоко место, каде што мислам дека припаѓа. Секогаш треба да се има респект кон противниците, нешто што ќе биде особено важно во следниот натпревар дома против Рајн Некар и реваншот таму, кои најверојатно ќе одлучуваат за првото место во групата и директен пласман во четвртфинале.


Металург го пречека Монпелје, натпревар во кој, исто така, однапред се знаеше победникот, затоа што Монпелје е навистина класа понапред од групите Ц и Д. Но, нашите дечки, играа убаво, храбро, со неколку одлични акции и голови. Прв е секако, цепелинот на Гуглета и Илиќ. Но,  Жарко Пешевски имаше свој ден и одигра првокласно. Постигна неколку голови од позиција со мала шанса за реализација и беше еден од првите стрелци во тимот. Во овој натпревар се виде дека нашите млади ракометари треба многу повеќе да вежбаат кондиција за спринт. Играчите од Монпелје за дел од секунда го претрчуваа теренот, а тоа е голема предност. Изгледа дека Јовиќ има добра комуникација со играчите, се гледа напредок, одбраната на овој натпревар беше многу подобрена и затоа беа во игра речиси до последните минути. Резултатот не е реална слика на она што играчите на Металург го покажаа на теренот.

Браво и само напред!

ПИШУВА А.К.Н