ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Остануваме со вас, за Македонија

Прв пораз после 8 месеци. Во натпреварот кој беше првиот за се` или ништо, добивме ништо.

300x250

Јас не памтам кога последен пат сме виделе ваков катастрофален почеток. Првиот гол од игра го дадовме во 15. минута. Ама ете, малку закаснето ми се исполни желбата ако губат, да губат со голема разлика од старт, за да не минуваме низ трилер 60 минути.

Овојпат до толку ништо не одеше, што бевме изненадени што дури и пеналите ги погодија. Кире се повреди. Толку години гледам ракомет и очекувам „зелени“ коментари од оние што се вклучуваат во доцни натпревари да гледаат како „стануваме прваци“, а откако нема да излезе така почнуваат да зборуваат против. А сите овие години, децении откако гледам ракомет Кире игра за нас. Дали знаете дека тој е ЕДИНСТВЕНИОТ играч во Лига на шампиони што има дадено над 1000 голови? Паралелно на тоа, дали знаете дека тој за Македонија има дадено повеќе од 1200 голови? Дали знаете дека во една утакмица пред петнаесетина години има играно за Македонија цело полувреме со скршена рака? Долга е низата на дали знаете, ретко некој да има повеќе направено за нас од него.

Во моментот колку и да е катастрофален резултатот со Шпанија, единственото полошо нешто ќе биде ако го изгубиме него до крај на првенството. Затоа што тој не само што дава голови, туку и е срцето на нашата игра, тој несебично ги воигрува сите и им подава топка, за да погоди било кој, за Македонија. Сите наши молитви се вперени кон него и се надеваме дека ќе стисне заби и ќе се врати на терен – затоа што Кире е еден!

Но, има неколку светли точки во кои продолжуваме да гледаме.

Нешто што ретко сме виделе, а се случи на овој натпревар, беше играњето со комплетна втора постава од јуниорски играчи во цело второ полувреме. Е, и за тоа е Раул најдобар тренер. Кога веќе бродот потона, ги остави младите да се челичаат, како знаат и умеат, а постарите ги заштеди од умор и повреди, затоа што ќе ни требаат во следните дуели. Пак ќе мора да објаснам за оние што сега се вклучиле во ракометните натпревари. Децата што го играа второто полувреме се главно јуниори, со возраст околу 21 година. Тие деца, минатото лето освоија шесто место во СВЕТОТ за Македонија. Затоа, овој потег на Раул беше крајно позитивен од двата аспекти, а и од аспект дека тие деца што се наша иднина треба да ги изградиме во битка, искуство од кое ќе имаме корист во иднина. И пак ќе го споменам Кире, кој еднаш рече – еден натпревар заменува сто тренинзи.

Денес единствено што беше одлично кај нас беа голманите. Во првото полувреме Борко успеа да фати повеќе незгодни топки, а во второто полувреме Николче Митревски процвета на голот и имаше спектакуларни одбрани. Како дуплиот пенал од Душебаев, на пример. Мартин Поповски, исто така, одлично ја искористи својата минутажа. Сепак, придобивката од неговото играње за тимот на Шампионот, дури и да се само СЕХА натпревари, мораше еден ден да вроди со плод.

Се` на се`, резултатот е тој, а на нас останува да одиме по потешкиот пат, како и секогаш. Тоа значи дека ако сакаме да одиме во полуфинале, мораме да ги победиме и Чешка и Данска. Впрочем, така е тоа, мора да се заслужи местото. Дури и за третото место во групата веројатно ќе треба многу да се испотиме, а најмногу плаши дека на крај може да излезе пресуден едниот промашен гол, воедно и бод против Германија. Што и да биде, нашите ракометари се едно од најсветлите нешта кои ги имаме во животот. Ќе продолжиме да ги сакаме и бодриме, а веруваме тие, како и секогаш, ќе ни вратат со убава ракометна игра на терен. За нив, за нас, за Македонија!

Пишува: А.К.Н