ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Од готово – вересија

Целата наша и општа еуфорија вечерва падна во вода. Имавме натпревар во кој водевме цело време, ама за 5 минути го загубивме. Мислам дека вечерва Гонзалес конечно дозна како е да си Македонец. Со надеж и верба во очите, со недоверба во себе на крајот. Едно е сигурно, ако ова не го победивме, тогаш навистина некои други повеќе ги заслужуваат фанфарите од нас. Ние како навивачи да можевме ќе направевме било што за резултат, вечерва ни пројде од играње со песна, скокање и радување, до удирање од земја и коси кубење.

300x250

Но залудно. Верувам дека и играчите кога отпосле гледаат сигурно знаат што требало да направат, но тоа е тоа. Се бореа, а особено во таа борба се истакна Борко на почетокот, а и цел натпревар на плеќи го понесе Велковски. За него ова не беше само да замениш десен бек, туку и да се најдеш во позиција во која сите очекуваат од тебе да направиш игра, акција, да ги проиграш. Не се предавај дечко, ова е само почеток! За Жути Миркуловски, сите што ме знаат, знаат дека давам десна рака… Народен херој, којзнае дали некогаш ќе му има рамен.

Не знам дали ако беше друг тренер, пак, ќе имавме позитивни коментари. Да не беше Раул, веројатно другиот досега ќе беше удавен од нашата ракометна јавност. Но тој не` задолжи со тоа што ни донесе шампионска титула, па и сега не се осмелуваме така да го критикуваме, а веројатно би можеле. Сепак, ова нека биде само почетна битка, а поголемите ги очекуваме од него во иднина и не би сакале да го изгубиме. Затоа што ако тој не, не знам кој друг би можел да ги оствари нашите желби и соништа.

После ова слушам краеви на кариери, генерации, последни шанси… Па дајте бре луѓе, не се предавајте така лесно. Поголемиот крај од оној пораз од Тунис во квалификации за Олимпијада мислам дека не сме доживеале…Кога имавме нагон за повраќање ден-два без престан. Ама ете, не бидна крај. Нема да биде ни сега. Во моментов за мене најважно е тоа што успеавме да направиме некаков спој меѓу генерациите, што направивме подлога за иднината, но можеме уште да очекуваме од претходните херои. Јас уште верувам дека ќе се видиме во Токио, ако не за никој друг, туку за Кире, на кој му недостасува уште тој олимписки настап за да биде ненадминат.

И да ви кажам право, независно од местото, за една земја како нашата, многу поважно е тоа што имаме континуитет во настапите на Европски и Светски првенства со години, отколку еднаш да освоиме злато и веќе да не нема. Не треба ништо повеќе да замислувате…Потсетете се, на пример, на шампионската титула на Кометал и што имаме после тоа со женскиот ракомет. Затоа, навивачи, а уште повеќе наши ракометари и Раул, главите горе, бидете среќни додека не` има, за да уживаме во деновите на ракометно навивање, независно од финално освоеното место!

П.С. Да не се разбереме погрешно, нема да одбиеме медалја ако ја освоиме 🙂

Напротив, тоа ќе биде ракометен собир и дочек за Гинис, а секогаш се надевам дека ќе имаме среќа да го доживееме.

Пишува: А. К. Н