ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Лавовски срце на терен

Пред утакмицата Македонија – Германија реков, ако губите, губете од старт 5 разлика, да не кинеме нерви. Ако мислите да играте гол нагоре надолу, тогаш гледајте барем да не изгубите, да не гинеме и ние џабе. Фала богу, ме послушаа. Ама и прогнозата за нашата кардиолошка драма беше точна.

300x250

Јас стварно не знам дали нешто точно запамтив од играта, бевме во полутранс, полубунило. Кога заводевме на почетокот 3 разлика, уште тогаш не можевме веќе да гледаме, па рековме: Судија, свири крај. Е тој не нѐ послуша. Дури и свиреше премногу, особено кога ние ќе дадеме гол, а тој ќе го поништи и ќе ни свирне фаул. А, од друга страна не виде чекори, пробивање, исклучување, па дури и еден лежерно јасен црвен врз Миркуловски. Ама нашите срца Лавовски издржаа сѐ, како и оние на ракометарите. Жаре Пешевски шутираше со снајперска прецизност. Филип Талески се размавна, па од 7 удари, само 1 не погоди.

Кире и Џомба беа прочитани од германскиот Волк, ама па затоа приредија цепелин за на шпица. Раул пак успеа да го изненади противничкиот стратег, и тоа овојпат со 7:6 игра. Од истата причина примивме и 2-3 лесни голови за пресврт, но што е најважно, тоа не ни го намали моралот. Погодуваа сите по нешто и успеаа да отидат на полувреме со 1 гол негатива. Во вториот дел беше уште понапнато. Позитива, негатива, си викаш готово е, па готови се… Масовно лудило.

Ќе повторам, најважно од сѐ е тоа што повторно и повторно се враќавме во игра, нешто нетипично за македонски, па и балкански менталитет. Интересен беше моментот кога судијата го бркаше Манасков надвор заради крв на колено, а овој гестикулира како да велеше – зар оваа мала гребнатинка. Кога го истераа сепак кај докторот, брза, му вика не ме бриши, дај побрзо лепи нешто да се вратам. Последниот наш тајм-аут беше за историја, од Столе. Гледајвме како сите имаат респект за одлуката на Раул, но пробуваат да му дадат идеи за последниот напад, одеднаш улетува Столе, со детски адреналински лик, и дава предлог – Лажен цепелин. Легенда! Тој после и го промаши зицерот за победа, на што не можевме да му се налутиме во таква епска битка.

Сепак, по дома имаше луѓе кои се трескаат од под, деца кои плачат, мајки кои збунето викаат и прашуваат што се случи сега… за на крај едногласно – Столе ти си наша икона! Простено ти е, после ова твое велемајсторско издание на целото првенство. Последните 12 секунди веројатно никој во Македонија и пошироко не дишеше. Гњурење на суво. Сепак, успеавме да не изгубиме и радоста беше исто како да сме победиле. Нашите лавови успеаа да завршат на прво место не само во првата група, туку и да тргнат од првата позиција во втората.

Многу ме прашуваа што сега? Епа дечки, играме со Шпанија, Чешка и Данска. Според мене, победа само над Чешка е солиден успех, а се` друго после тоа е фантастично. Впрочем, и ова до сега беше над сите очекувања. Но, онаа желба, онаа борба, онаа верба што ја гледаме во очите на нашите ракометари, ни дава и нам надеж да сонуваме за повеќе!

Пишува: А. К. Н