ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Каде сте, навивачи?

Оваа недела имавме „само“ еден натпревар во Лигата на шампионите, натпревар кој многу значеше за шансите за освојување на првото место во групата и автоматско четвртфинале, Вардар-Сегед. Кога стигнавме во салата беше полупразна, а навивачите на Сегед беа веќе видно расположени и се „штимаа“. Дури и не сакаа да не` пуштат да пројдеме покрај нивната трибина, па многумина од нашите навивачи, не сакајќи предвреме да прават тензија, заобиколија. Имаше и такви што ме расположија, им рекоа – Џабе ви е, ќе изгубите.

Не дека ги разбраа, ама беше прилично смешно. Додека чекавме да се наполни салата веќе речиси дојде време за старт на мечот, но останаа многу празни столчиња. Уште поизненадувачки беше што делот на Комитите беше речиси празен. Така, немаше кој да ја води публиката во навивачките песни, па гостинските навивачи, многу често беа погласни од нас. Се чувствував дури и засрамено на моменти. Нашата сала, која важеше за една од најгласните во Европа, денес спиеше.

Дали дека одамна не сме имале гостински навивачи, па беа интересни за гледање? Дали дека толку многу се опуштивме во доминацијата, па сметаме дека на нашите шампиони веќе не им треба поттик? Дали беше потребно спикерот да не` разбуди и да каже – ајде да покажеме како се навива кај нас? Или станавме премногу фини, комотни во нашите успеси, па ќе се претвориме во „европски“ сениорски навивачи? Па и тие не се вакви, барем плескаат цел натпревар со тропалките што ќе им ги дадат на врата. Да не ги спомнувам скандинавските ракометни навивачи, лично имам видено осумдесетгодишни жени како со „фул опрема“ навиваат колку што ги држи гласот.

Секако, имаше чесни исклучоци. А и не можеш да останеш рамнодушен на такви неверојатни ракометни потези кои ги направија нашите ракометари. Пред сите, Дибиров. Мислам дека го одигра својот најдобар меч откако ги носи боите на Вардар. 12 од 13, и тоа речиси секој ремек дело. Од крило, од пивот, од контра, со слалом, од 7 метри. Како да сакаше да се оправда за неговото послабо издание во првиот меч против Сегед, но ги надмина сите свои досегашни изданија. Дури и тој еден што го промаши, беше од мртов агол, а шутираше затоа што никој друг не презема одговорност. Ова беше, исто така, една од ретките утакмици каде што Штербик беше заменет затоа што не му тргна.

Па Џамбо врати неколку топки, што толку јако ги шутира кога ги брани, што летаат насекаде низ салата. Пред некој ден се разминав со него на улица. Првпат имав прилика да бидам толку блиску до него, ама не претерувам, дупло повисок и поширок е од мене, карпа, џин, стварно не знам со кои зборови да го опишам. Си реков, којзнае како им е на тие играчи што треба да шутираат против него, сигурно самодовербата им паѓа на пола.

Во второто полувреме ми беше многу интересен начинот на кој Циндриќ го разигруваше Мораес. Циндриќ, луѓе, е чудо колку е брз, во сите потези што ги прави, па и во додавањата кон другите играчи. Тука пред мене гледав, а не можев да видам каде наоѓаше простор меѓу неколку противнички играчи да ја протне топката и тоа право во раката на пикерот, за овој слободно да погоди. Убави голови дадоа и двата десни бекови, Кристопанс и Македа, толку различни, а сепак подеднакво продуктивни во својата минутажа.

Првиот погодува кога никој не го гледа голот преку противничката одбрана, вториот се пробива херојски и гине ако треба, важно да се постигне целта. Да не го заборавиме и Шишкарев, човекот на летечки погон, но воедно и секогаш будно ја прати играта, за да фати топка и постигне гол од било каде на теренот. Е сега, и на најдобрите може да им се случи понекогаш да згрешат. Некои навивачи сакаат да кажуваат дека баш тој некој гол бил пресуден. Но, од ова мое долгогодишно следење на ракометот, ретко кога одлучувал само еден гол, не дека не може да е така.

Тоа го почувствуваа и нашите противници кои во последните 3 минути решија да играат 7 на 6, веројатно за да успеат да направат изненадување и тие 1-2 негатива кои ги имаа, да ги свртат во своја корист. Очигледно, не вежбале доволно. Примија 2 гола на празна мрежа, од кои за првиот и нашите беа изненадени, па затоа тука беше цела клупа и цела трибина да мафтаат дека е празен голот. Кога влезе и вториот, веќе беше јасно дека е крај за нив, па настана олеснување во салата. Тоа беше единствен момент кога навивачите од Унгарија немаа што да кажат, занемеа. Сепак, на крајот, беа поздравени со големи аплаузи од нивниот тим, но и од нашите кои знаат дека навивачки е да се изрази взаемна почит за доброто навивање… Да не кажам подоброто.

Инаку, тука под нив зад голот, седеше Чупиќ. Го видовме, ама си рековме сме се препознале, бидејќи логично ни беше да седи во ложа со останатите. Тој е очигледно еден стварно кул лик, се шеташе наоколу како обичен навивач, заедно со ќеркичката што ја донел да гледа ракомет.

Кога сме кај женскиот пол, во последно време на врата има најдолги колони во делот кај жените. Очигледно не е добро проценета застапеноста на женските ракометни навивачки. Уште не е 8 март, ама еве еден апел – помислете и на жените, ставете повеќе „женски“ влезови, да не мора најдолго да чекаат пред врата.

Па, драги наши навивачи, како што стојат работите, оваа година не очекуваат уште само 2 утакмици на домашен терен, воедно уште само 2 утакмици со овој наш шампионски тим. Не го чекајте последниот, дојдете на натпреварот со Висла, и покажете како се навива со срце и душа!

Пишува: А. К. Н.