ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: „Каде Вардар поминуваш среќа, радост донесуваш…“

Прекрасен ракометен викенд, две наши екипи, и женскиот и машкиот тим на Вардар се пласирани во четвртфинале на Лигата на шампионите.

Идеална петочна вечер, после работната недела, е онаа која ќе се помине во сала на ракомет. Најлесен начин да се релаксираме од стресот и обврските и да уживаме во слободното време. Особено затоа што нашите тимови се моќни, играат убав ракомет и најважно од се`, имаат неверојатни успеси. Да заборавиме на иднината и да уживаме во овие мигови додека траат.

Гостинските ракометарки дојдоа спремни со тактика 7:6 да играат цел натпревар. Едно време верувавме дека тоа е добра тактика и е можно, но последнава година се покажува спротивното. Не за џабе е измислено ракомет да се игра со 6 играчи плус голман. На почетокот од натпреварот тоа им одеше од рака, резултатот беше неизвесен. Но, доволни се и најмали грешки за да бидат казнети со лесни голови, кои не само што го намалуваат резултатот, туку и многукратно го намалуваат еланот во играта. А девојките од Вардар многу добро ги искористија овие грешки, па затоа водството само се зголемуваше. Главната одговорност во клучните моменти ја презема Лекиќ. Некои велат дека веќе не е тоа што била, но сепак, секој нејзин гол е мајсторија. На Пенезиќ не и` беше денот за голови, но беше одлична за борба со противничките ракометарки. Цвијиќ имаше по 3-4 ракометарки во рака цело време. А откако резултатот прејде во огромна разлика, во игра влегоа и нашите, македонски, млади ракометарки. Делуваше дека играат со трема, а не би требало… Освен Сара, која е како фурија, сака да игра, се труди да поентира, па ако погоди, многу често знае тоа да го направи атрактивно и да ја дигне на нозе публика. На Керамичиева ѝ беше дадена шанса да шутира пенали и да се охрабри, што таа ја искористи и постигна голови за задоволство на публиката, клупата, а и нејзина самодоверба и радост.

Многу интересен момент за нас (особено за син ми) беше полувремето, кога поминувајќи покрај ВИП ложата го забележавме Раул Гонзалес, како седи во најдолниот ред покрај патеката за публиката и едно детенце го замолува да се сликаат. Раул стана, ја прескокна оградата и застана на скалите да позира за групата деца кои чекаа да се сликаат едно по едно со него. Имав среќа да му направам фотографија и на син ми, спомен за цел живот, детска радост, и можеби поттик за некое од тие деца да стане врвен ракометар. Секоја чест, Ел Команданте!

На натпреварот на машкиот тим на Вардар, веќе се знаеше дека сме пласирани директно во четвртфинале, втора година по ред. Од оваа гледна точка тоа изгледа како нешто што се подразбирало, што се зема здраво за готово – но тие што со години следат ракомет добро знаат дека тоа претходно сме можеле само да го сонуваме, затоа што првото место во групата е успех еднаков на освојување титула. Нашите играчи беа релаксирани, очигледно и премногу, па заврши нерешено… Можеше дури и да изгубиме за тие неколку сантиметри за кои последниот шут преку цел терен го промаши нашиот гол. Но, не се разочаравме, дури и го очекувавме тоа, па уживавме во утакмицата без тензија. А салата беше прилично полна, па и публиката многу порасположена за навивање од минатиот пат. Некои од старите навивачи на Вардар ми замерија тогаш дека забележав за тивката атмосфера во салата, но тоа не се однесуваше на нив, туку баш за сите оние што кога веќе дошле во сала, треба да навиваат како никој да не ги гледа. Секако, фер и со почит кон сите играчи на теренот. Додуша, двајцата на теренот што ја делеа правдата, не беа баш соодветни за судење во ЛШ. Еден куп грешки и тенденциозни одлуки, ќе мора да ја прегледам снимката за да се уверам дека ние не сме виделе добро на лице место…А навивачите едногласно реагираа на случувањата на теренот. Еден момент што мислам дека нема да го заборавам беше голот на Борозан со 200 на саат (добро, може не беше толку, ама на нас така ни личеше) – шутнат од долу нагоре, за да погоди некаде под пречката, а реакцијата на публиката беше соодветна на потегот.

До четвртфиналето сега имаме месец и пол. Но, една убава вест која со години ја чекаме – Фајнал 4 на СЕХА ќе се одржи кај нас. Ќе имаме уште натпревари за гледање со овој наш фантастичен шампионски тим… И секако, очекуваме во живо да го гледаме кревањето на пехарот и заедно да ја пееме We are the champions, а потоа да заиграме на „Ој, Вардаре македонски“!

ПИШУВА А.К.Н