ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Има ли надеж за македонските клубови?

Додека барав зборови да ги пишам импресиите од изминатиот ракометен викенд, постојано ми навираше само една мисла: Дали има надеж за македонските ракометни клубови?

Во саботата бев на Вардар – Будуќност. Лежерна утакмица, полупразна сала, девојките од Вардар си газат… Што би се рекло, победа од десетина голови разлика си ја земаме здраво за готово. Не сме свесни дека има само 3-4 тима во женскиот ракомет кои може да играат на тоа врвно ниво. А оваа година нашиот изгледа премногу моќно.

Но, не можеме да се израдуваме на таа доминација, затоа што судбината после тоа е неизвесна, а сета наша надеж згасна со финалното соопштение дека клубот го распушта тимот. Сите овие години откако овој тим постои и е еден од трите најдобри во Европа (читај светот), многу од нашите навивачи не го прифатија, со изговор дека немало наши играчи, бил склопен со скапи ракометарки од странство. Очигледно не им стана јасно дека клупскиот ракомет главно функционира на тој начин. А девојките играат совршен ракомет. Цело време се во Ф4… Имаат падови во натпревари, но на крајот имаат најмалку бронза. А зошто никако не можат да стигнат до злато, мислата ми дојде после онаа изјава на Радичевиќ – доаѓајте да не` бодрите во сала, уште малку сме заедно!

Веројатно онаа енергија што клубовите ја добиваат од својот „осми“ играч, публиката, многу често им недостасува. Јас отсекогаш навивам за сите македонски клубови, а така и ќе биде во иднина, независно од клупските бои и состав. Вардарки оваа година ќе ги бодрам до крај, а разделбата ќе биде полесна ако тоа биде со титула. Ги повикувам и другите наши навивачи да им ја дадат својата поддршка, а догодина, се надевам дека во сала ќе ги гледаме и оние кои бараа тим составен само од наши сили. Уште еднаш, девојки, ви благодариме за се`!

Шампионот Вардар изгуби (добро, со само еден гол разлика), после речиси цела година. И тоа кај Барса на гости, пак добро. Овие натпревари после паузите за првенствата, кога тимот ја нема таа наштиманост и хармонија секогаш биле мачка во вреќа. А овој пат, дали некако уште не` држеше ракометната меланхолија предизвикана од македонската репрезентација на Европско, или затоа што знаеме дека Вардар е јак и ќе се консолидира, не го доживеавме толку трауматично гледањето на утакмицата.

Тука веројатно помага и Видевски, мојот омилен ракометен коментатор, кој секогаш размислува прво како навивач, па потоа како спортски новинар. Во еден момент дури и мислата ни ја прочита, кога Дибиров не го погоди пеналот, а некако сите знаевме дека ќе биде така. Не знам, дали е чувството предизвикано од предолго гледање ракомет и познавање на секој детал во играта, или како навивачи веќе ги чувствуваме нашите играчи како дишат и знаеме што можеме да очекуваме од нив во одреден момент. А тоа посебно го покажа Борозан, кој конечно се врати на теренот и со преголема желба за игра влезе во натпреварот. Сите поединечно играа одлично, како што и секогаш знаат, но некако веројатно недостигаше воиграноста, па затоа имаше повеќе технички грешки. Додуша и Барса играше одлично, посебно одбрана. А двата цара на головите се натпреваруваа кој ќе ја има одбраната на колото. Сепак, на крајот Вардар изгуби и сега има само еден гол предност пред Нант (да, Нант… Но таму е Кире, а тој е еден!), па ќе треба малку повеќе да се испоти за да ја зачува таа прва позиција во групата.

Секако веруваме дека ќе биде така и местото во Ф4 ќе биде навреме резервирано. И сите сонуваме за одбрана на титулата, нешто што до сега не му успеало на ниту еден тим, во овие 25 години откако постои Лигата на шампионите.

А што ќе биде после, повторно останува неизвесно. До сега за повеќе играчи знаеме дека го напуштаат Вардар следната сезона. Но, за разлика од женскиот тим, не е официјално најавено негово распуштање. Дури и беше соопштен наследникот на Раул, Парондо, што е супер одлука – наследник со свежи сили и идеи, негов ученик, како и помошник во нашата репрезентација. Во меѓувреме се изнаслушавме за имиња што ќе дојдат кај нас, па потпишуваа за други клубови, имиња што сеуште би можеле да дојдат, но нема ништо потврдено. Нашето навивачко расположение варира, како топло ладно, па веќе на крајот и последните зраци надеж ги снемува. Сепак, останува трошка надеж дека сепак ќе имаме тим кој колку толку ќе биде конкурентен и ќе имаме можност да ги искажеме сите наши навивачки перформанси.

Јас навивам и за Металург, но кај него работите изгледаат уште полошо отколку кај претходните два клуба. Веќе неколку години трае таа агонија во клубот, што не сме сигурни дали да се опуштиме во навивањето и да очекуваме напредок, или пак следниот пат ќе видиме преполовен тим и почнување отпочеток. Не велам дека е лошо што од него се пробиваат нашите таленти, напротив, тоа е супер. Ама зошто да не биде веќе еднаш работата на чисто, ќе го има клубот или не. Секако, и тука се надеваме дека ќе биде првото, и дека нашите македонски играчи ќе продолжат овде да се докажуваат. Јас цело време повторувам – Подобро постојано во жар на борбата во Металург, отколку резерва на клупа во Германија. П.С. Каде се Пиратите, знае ли некој?

Се` на се`, останува надеж дека од следната сезона ќе имаме каков таков капацитет за солидни натпревари и учества во ЛШ и СЕХА. Премногу бевме разгалени со 3 тима во Лигата на шампионите, па тешко ќе биде да се адаптираме на новата улога. Сепак, ние како искрени навивачи ќе продолжиме да живееме за ракометот и ќе продолжиме да ги бодриме македонските клубови.

Пишува: А. К. Н.