ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Затоа го сакам ракометот…

Не очекувавме премногу возбудувања против Мешков Брест. Сепак, како и секогаш отидовме во сала да уживаме барем малку во ракомет и да се оттргнеме од секојдневието. Имаше доволно навивачи за убава атмосфера, а сè започна прилично слабо, па се направи позитивна тензија.

Вардарци влегоа во игра со различни комбинации, па гостите дури и водеа на почетокот. Но знаевме дека тоа е само почеток. Се разбуди Игор Карачиќ, и почна да игра како во транс. Носен од искуството и полетот на Дибриров, започна да реди голови, кој од кој поуникатен. И не престануваше. Од лево, од десно, со пробив, во лет… До крајот изброи неверојатни 11 голови. Не знам, но мислам дека ова е негов личен рекорд во Лигата на шампионите. Како еден најдобар подарок за неговиот јубилеен роденден. Среќен роденден, мајсторе! Фала ти за срцето оставено на теренот на Вардар и уште многу вакви утакмици во црвено-црниот дрес!

Главните доживувања беа во второто полувреме. Новиот алжирски голман доби шанса на голот и заблеска. Едноставно ги откажа противниците. Публиката му даваше поддршка, ама не знаеше со кое име да го поздрави. Тој ја почувствува енергијата и до крајот имаше неколку одлични одбрани, па и една двојна. Ќе мора да му смислиме некој наш надимак во иднина, затоа што навистина ветува дека често ќе заслужува аплаузи.

Ова беше можеби една од најубавите утакмици за гледање оваа година. Се отворија Дибиров и Чупиќ, и двајцата дадоа по неколку голови за во енциклопедија. Штета што еден молскавичен обид за цепелин не успеа Дибиров да го реализира, а леташе, мислиш ќе го прелета голманот и заедно со топката ќе влезе во голот. Затоа Чупиќ во еден момент даде гол од позиција на лево крило, во речиси мртов агол, со лева рака. Можете да замислите колку беше еуфорично во салата во ваквите моменти. Вистинско уживање. Посебно браво за навивачите од блок 15 кои често ја поведуваа публиката со песни.

Шанса доби и новиот германски играч, Дисингер. А малку беше збунет на почетокот… Истата публика која лани го свиркаше, сега го поздрави со големи аплаузи. Ама се гледаше дека беше среќен, со желба да се докаже. Посебно ми остави впечаток неговата паметна и подвижна игра во одбрана. Ќе биде навистина интересно кога овој нов тим ќе се уигра.

Последните неколку минути, додека противниците беа без голман, неколку пати им пресековме топка и сите сакаа да дадат гол преку сала. Сакаше Гедбан, не успеа… Криштопанс шутна и сите мислевме дека топката ќе отиде во аут, кога во последен момент заврте и право во гол… Една погоди и Калараш… А публиката… Извежбавме задржување здив на неколку секунди додека патува топката преку цел терен.

Уште еден интересен момент се случи на3-4 минути пред крајот кога судиите му рекоа на Криштопанс да излезе од игра затоа што дресот му беше целиот отпаран. Си викаме, кај ќе најдат сега уште еден толкав дрес. Не дека не се спремни, туку секогаш ни е интересно да ја коментираме неговата џиновска градба. Сепак, немаше потреба да се враќа во игра, па и Кисељев малку ја почувствува атмосферата.

На крајот убедлива победа, Вардар остави впечаток на тим, во кој новите играчи подеднакво се сплотени, како и легендите, а ние си отидовме полни со одлични ракометни потези, расположение и насмеани лица. Кога ме прашуваат зошто толку сакам ракомет, ете, ова е одговорот!

ПИШУВА: А.К.Н