ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Вардар бил и ќе биде!

Додека се обидуваме да ги средиме впечатоците од минатиот викенд, во позадина ми ѕуни гласот на син ми како на рипит ја пее: “Тебе те сакаме, тебе те бодриме…” Си мислам, на толку апокалиптични зборови дека дошол крајот на ерата на Вардар, крвта ни врие поинаку, не го одразува истото.

Пред полуфиналето, спремни за историја, со сите реквизити спакувани во куферот за продолжениот викенд, верувавме дека овој таканаречен крај ќе го завршиме со уште една фешта за последен пат. Но, веќе после 5 минути од утакмицата знаевме дека нешто не е како што треба. Го немаше оној мотив, самодоверба и тимски дух кој го гледавме цела сезона. И тоа не обична, туку перфектна сезона. Како да ви кажам, во тој саат ипол сите здравствени проблеми што постојат ги искусивме: срцебиење, гастритис, депресија и делириум. Но, залудно, не зависеше ништо од нас.

На крајот, знаевме дека и наредниот ден ќе биде пораз, затоа што мотивот за победа после тоа тешко беше да се најде. Не знам што да мислам, не случајно никој досега не освоил титула двапати по ред. Прво, конкуренцијата е огромна, а второ, напорот да се дојде до таму е толку натчовечки, што веројатно треба време да се соберат сили. Единствено преголемата желба може да ги доведе на врвот и покрај сѐ, а оваа година најголема беше кај тимот на Монпелје, кој ја прикажа целата страст на ракометната игра и заслужено дојде до трофејот.

За нас, како Македонци, оваа година повторно беше Кире тој кој покажа дека и на неверојатни 38 години може да се игра на позиција бек, да се постигне уште еден рекорд за најмногу вкупно дадени голови на Ф4 турнирите и да се има најјак шут од пенал со 101км/час. Секоја чест крале, наклон до земја!
Но, што сега после двете пропуштени титули од тимовите на Вардар кои се во залез? Женскиот дефинитивно за сега ќе го нема, а машкиот? Па, со оглед на играчите кои остануваат и ако тоа стварно продолжи така, нѐ очекува уште една возбудлива сезона од септември. Овие играчи кои остануваат, навистина покажуваат љубов кон овој тим, овие навивачи и оваа земја која дише за ракометот. Идеално би било да се вклопат и наши деца во тој тим, затоа што така ќе се зголеми мотивот за успеси. Што и да биде, ние ќе бидеме во сала за да си ги наполниме батериите и душата со ракометни радости… За да ги бодриме нашите тимови и да сонуваме за следен шампионски дочек на плоштад, затоа што и секој ракометар сонува за него. Досега во 25
годишната историја на Лигата на шампионите, ниту еден тим го немал оној спектакуларен пречек од целиот град и земја, како што го имаше лани шампионот Вардар.

Затоа, да бидеме оптимисти, главата горе и… Само напред Вардаре!

ПИШУВА: А.К.Н.