Од Загреб тврдат: Бевме уценувани од Металург!

Многумина беа изненадени што Халил Јагањац го избра Нексе пред Загреб, а сигурно на „плинарите“ не им беше сеедно што големиот ривал доби капитално засилување во битката за титулата.

Поранашениот стратег на Металург, Лино Червар кој сега е на клупата на Загреб, е најмногу погоден од изборот на неговиот пулен од хрватската репрезентација, кој го донесе во Автокоманда од вториот тим на ПСЖ. Директорот на „плинарите“ – Ведран Шупуковиќ вели дека се изненадени од одлуката на младиот играч.

„Навистина и ние бевме изненадени од таквиот расплет. Разменивме многу повици, мејлови. Актуелен беше овој трансфер и минатото лето, но Минчо Јорданов сакаше тој да определи колку ќе трае договорот меѓу Јагањац и Загреб. Сепак решивме да имаме друг обид пред некое време, но дознавме дека Нексе влезе во играта. Разочарани сме, се чувствуваме изиграни во целата оваа ситуација, но тоа е тоа. Не можеме да му замериме на никој, но занимливо е тоа што условите на Јорданов за Нексе беа едни, а за Загреб беа други. Зошто е тоа така не знам. Без оглед на се, Загреб е голем клуб и сите ќе одиме по својот пат“, вели Шупуровиќ.

Јагањац сега е дел од хрватската репрезентација за квалификациските средби за пласман на Европското првенство за две години, додека дебито за Нексе би требало да го има на  30 октомври против Војводина.