Од Втора лига во Хрватска до Бундес лига: Поранешен играч на Металург се враќа во елитниот ракомет!

Левиот бек од Словенија, Давид Шпилер, кој мина една полусезона и во македонскиот вицепрвак Металург, се враќа во елитниот ракомет и направи трансфер во Бундес лигата. Од хрватскиот второлигаш Бјеловар, каде мина една полусезона, тој се пресели во бундеслигашот Лудвигсхавен, кој се бори за опстанок.

Договорот е до крајот на сезоната, но 35-годишниот словенечки интернационалец се уште може да игра на високо ниво и ќе биде големо засилување за бундеслигашот.

Шпилер потекнува од тимот на Словењ Градец, а потоа играше за Целје, Копер, Загреб, катарскиот Ал Рајан, Мешков Брест, Металург, Нексе како и за хрватските второлигаши Металац и Бјеловар.

Иако со последните трансфери во ниските конкуренции во Хрватска се најавуваше пензија, сепак Шпилер ќе ја продолжи кариерата и во својата биографија ќе запише настапи во една од најсилните лиги во светот.