Од Арсиќ до Шариќ, кој би можел да биде наследник на Штербик?

Вардар е европски шампион, неисцрплива тема за спортските медиуми во Македонија, регионот и Европа. Иако се уште нема официјална потврда од „црвено-црните“, следната сезона Вардар ќе биде во изменет состав. Ракометните и спортските кулоари наголемо го поврзуваат со многу имиња, дел квалитетни, дел не…но тимот што е на врвот на Европа, ќе биде предизвик за повеќемина ракометари, без разлика на информациите дека Вардар нема да биде на исто ниво следната сезона.

Еден од најголемите потреси на ракометниот трансфер пазар е заминувањето на Арпад Штербик од Вардар. Човекот кој беше еден од клучните играчи за освојувањето на европската титула, повторно ќе се врати во Унгарија, каде ќе ја заврши ракометната кариера и многу веројатно ќе започне тренерска. Токму празнината која ќе ја остави зад себе ќе биде најголем удар за „црвено-црниот“ табор. Вардар следната сезона веројатно ќе ја игра со намален буџет, но многупати досега се потврдила констатацијата дека „голманот е половина тим“, па само со вистинска и соодветна замена македонскиот првак ќе може да се надева дека повторно ќе го види Келн. Списокот на голмани од А-листата е навистина краток и прилично скап.

Додека се уште е тивко во управата на Вардар ќе ви го презентираме списокот на потенцијални голмани кои би можеле да го наследат Арпад Штербик.

Ретки се оние навистина врвни голмански имиња, па во друштво на Омејер, Андерсон, Шариќ, Ландин, Де Варгас, Шмал, Вулф… најинтересен за македонската публика сигурно е данскиот репрезентативец. Но, 28 годишниот Никлас Ландин има договор со Кил до 2021 година, а ракометниот гигант нема да си дозволи да остане без квалитет на таа позиција особено откако следното лето „зебрите“ ќе ги напушти Андреа Вулф. Tоа значи дека е речиси невозможно Кил предвреме да се откаже од неговите услуги, а да не се урне нов трансфер рекорд.

Како најреална опција природно се споменува голманот на Веспрем, Мирко Алиловиќ кој го напушта клубот на крајот на сезоната. Тој е хрватски репрезентативец и кога е во својата препознатлива форма важи за еден од најдобрите чувари на мрежата во светот. Но, за сега единствена потврда за контакт со Вардар имаме од повремениот хрватски репрезентативец Иван Пешиќ. Управата на „црвено-црните“ имала само првични разговори, и двете страни се далеку од официјален договор со голманот на Мешков Брест. Следен на листата потенцијални голмански засилувања е и словенечкиот репрезентативец Урбан Лесјак од Целје. Се работи за релативно млад голман, 27 години, со солидни физички предиспозиции, 190 цм, 103 кг. Настапува за словенечкиот шампион Целје веќе седма сезона, но најави дека му е потребен нов предизвик во кариерата и најверојатно нема да го продолжи договорот.

„Јас сум среќен во Целје. Тоа е мој град, мој клуб. Сонот стана реалност за мене. Тимот се подмладува секоја сезона се повеќе. Јас имам некои планови, разговаравме веќе за тоа и се што можам да кажам во овој момент е дека одлуката ќе ја донесам во следните два месеци. Моите амбиции се високи, сакам да играм за некој од ТОП 10 европски клубови. Не го кријам тоа. Како и да е, наскоро ќе се знае каде ја продолжувам мојата кариера.“ – изјави Лесјак.

На мета како потенцијални засилувања во редовите на Европскиот шампион ќе биде и словенечкиот двоец од Загреб Матевж Скок и Урх Кастелиц. Скок се споменуваше како опција уште во времето кога тренер беше Веселин Вујовиќ, но трансферот заглави во бирократатија и никогаш не се реализираше. Кастелиц пак е веројатно најперспективниот голман во Европа, со 21 година и 201 сантиметар висина оваа сезона се наметна како прва опција на голот на Загреб. Тој по низа години поминати на позајмица од Целје направи трансфер во Загреб на почетокот јули, па важечкиот договор со хрватскиот шампион може да биде проблем за реализација на трансферот.

Кога зборуваме за најдобрите светски голмани, секако мора да го споменеме и Даниел Шариќ, репрезентативецот на Катар и Ал Киада сигурно е еден од најпосакуваните ракометари во светот. Тој веќе неколку години настапува во катарскиот шампионат, но кризата во катарскиот ракомет и политичката ситуација може да влијаат за негово повторно враќање на европско тло.

Легендарниот Дарко Станиќ се прости од ракометот, а се уште е актуелен за медиумите. Тој е чест гостин во Скопје каде има пријатели и бизнис интереси, па шпекулациите за негово повторно активирање се појавија откако имаше неуспешни преговори со Е.Раборник на почеток на новата сезона. Пред пристигнувањето на Штербик имаше блиски односи со раководството на Вардар, но никогаш не се реализираше трансферот од Металург во лутиот ривал.  Кога сме кај Металург, Дарко Арсиќ е следна интересна опција за „црвено-црните“. Неговиот договор истекува на крај на јуни, а одличните игри во дресот на Металург се препорака за промена на клупските бои.

На крајот на сезоната истекува и договорот на македонскиот репрезентативен голман Борко Ристовски, но тој истакна дека не сака да се врати во Македонија.

Едно е сигурно, најтешката задача ќе ја има раководството на европскиот шампион, кое треба да состави нов мозаик со една цел-враќање на европскиот врв.