Од Алжир до Белорусија: Кој ќе го брани голот на Вардар?

Во очекување на звучно име меѓу „црвено-црните“ стативи на македонскиот шампион Вардар, шпекулациите изминатиов период се се погласни. Од младинскиот репрезентативец на Алжир, до искусниот шпански голман Сиера, чаршијата зборува, менаџерите се обидуваат да протнат некој свој играч или барем да му ја зголемат цената на пазарот, а засега управата на Вардар во тајност ги чува деталите.

Откако го раскина договорот со Страхиња Милиќ беше јасно дека Вардар нема лесно да најде соодветна замена. Сите квалитетни голмани веќе се „врзани“ за своите клубови, а за оние просечните треба буџет кој во Вардар од оваа сезона ќе биде ограничен, затоа потребно е внимателно да се одбира.

Токму затоа македонскиот шампион започна да ја шири својата потрага по релативно квалитетен голман и на останатите континенти.

Меѓу првите имиња кои проструија во ракометната јавност беше некогашниот египетски младински репрезентативец Мохамед Фекри, но ракометарот на Ал Ахли не сакаше да коментира на оваа тема за 24Ракомет, а шансите за негово пристигнување во Скопје се многу мали.

Веднаш по заминувањето на „Џамбо“ повторно се актуелизираше трансферот на шпанскиот голман Хозе Мануел Сиера. Тој пред неколку месеци потпиша за француски второлигаш, но Вардар на крајот на август беше подготвен да плати и обештетување и да му донесе на клубот нов голман. Работите се закомпликуваа кај фамилијарните обврски на шпанскиот голман, па можноста за негова преселба во Скопје е минимална. Кон крајот на август управата на Вардар контактираше и со искусниот египетски репрезентативец Карим Хендавеј. Сепак турскиот шампион Бешикташ побара (пре)големо обештетување за да ги отстапи неговите услуги на скопскиот тим и приказната заврши тука.

Во опциите за Вардар меѓу позвучните голмански имиња уште беше и белорускиот репрезентативец Салдаценка. Тој требаше да дојде од составот на Констанца, расположение за трансфер меѓу управите на двете екипи постоеше, сепак конечен договор се уште не постои за Белорусинот да се пресели во Македонија.

Затоа деновиве актуелен е младинскиот репрезентативец на Алжир, Калифа Гедбан. Преговорите со неговиот менаџер се одвиваат во Македонија, а ниту неговата ситуација не е едноставна. Кај алжирскиот голман кој требаше оваа сезона да брани за Пуенто Генил има проблеми со документацијата. Административните работи не се нималку наивни, тоа може да биде пречка за официјализирање на соработката со Вардар.

Новиот голман на Вардар се очекува да пристигне во наредните два дена. Непознат ракометар само би ја пополнил празнината која во моментот се чувствува на голот на Вардар, но секако не би донел екстра квалитет меѓу стативите каде во моментот е уште еден релативно неискусен голман, Србинот Дејан Милосављев. Пред управата на клубот претстои интензивен период, а конечната одлука ќе влијае и на иднината на клубот.

Последна опција е враќање на искусниот вардаров голман Страхиња Милиќ. Ниту кај Милиќ нема сериозен напредок во потрага за нов ангажман, па не би било чудно, управата на клубот повторно да го врати во Скопје, доколку се исцрпени сите ресурси.

Првиот натпревар од најквалитетното ракометно натпреварување, Лигата на шампионите, Вардар ќе го одигра на 15 септември во Монпелје.