Одлична најава за ЛШ: Вардар со круната од ВРХЛ Лигата

Ракометарките на Вардар за првпат во клупската историја ја освоија титулата во регионалната ВРХЛ Лига. Избраничките на Ирина Дибирова беа подобри од големиот ривал Будуќност со 27:25 и покажаа дека имаат напредок во формата во пресрет на Ф4 во Лигата на шампионите.

Вардарки преку Лекиќ и Радичевиќ стигнаа до 2:0, а Лејно уште на стартот покажа дека ќе има своја вечер и по првите 5 минути имаше веќе 4 одбрани. Македонскиот првак и покрај грешките во нападот, имаше предност, најчесто од 1 или 2 гола, се додека Мавсар не го однесе Вардар на плус 4, 9:5, што беше причина за тајм-аут на Драган Аџиќ.

По минутата одмор, Будуќност полека, но, сигурно ја намалуваше негативата, а во последниот напад од првото полувреме имаше шанса и за израмнување, но Црногорките не ја искористија и предноста на пауза остана за Вардар, 15:14.

Во вториот дел Вардар стигна пак до плус 3, 18:15, но потоа гостинките заиграа подобро во нападот, стегнаа и во одбраната, а вардарки не стигнуваа лесно до позиција за гол како во првото полувреме и предноста се стопи.

Будуќност поведе со 21:22 во 48 минута и најави неизвесна завршница на финалето. Херем ја врати предноста на страната на Вардар со голот за 23:22, а „црвено-црните“ девојки потоа поведоа и со 26:24 во 56 минута. Поранешната ракометарка на Вардар, Итана Грбиќ, намали на 26:25. Будуќност имаше и напад за реми во 59 минута, но не реализираше.

Пенезиќ промаши во следниот напад, но одбиената топка во голот на Будуќност ја смести Андреа Човиќ за конечни 27:25 и радост во „црвено-црниот“ табор по освоената прва титула во регионалното натпреварување. Најдобра ракометарка кај Вардар беше Тамара Мавсар со 6 голови, Пенезиќ даде 5, додека Александра Лакраер 4, а кај Будуќност се истакна Кристина Неагу со 8.