Одлична вест од Вардар: Сташ Скубе до 2022 во „црвено-црниот“ дрес

Одлична вест за сите навивачи на Вардар денес пристигна од таборот на македонскиот шампион. Организаторот на играта на актуелниот европски првак, словенечкиот интернационалец Сташ Скубе и официјално ќе остане во Вардар до 2022 година. Тој го продолжи договорот со двојниот европски првак и во иднина ќе биде еден од носителите на играта кај „црвено-црните”.

Скубе дојде на почетокот на сезоната и веднаш се наметна како една од важните алки во играта на Вардар. Стана миленик на публиката и битен дел од играта на тимот.

Како што најавија од управата на клубот полека го формираат костурот на екипата која треба да ја брани титулата во Лигата на шампионите.

„Задоволни сме што Сташ останува со нас и во следните сезони. Со продолжувањето на соработката сигурни сме дека ќе бидеме уште подобри, а тој ќе продолжи да биде еден од лидерите во тимот. Вардар го задржува костурот на тимот и сериозно се подготвува за предизвиците во сезоната 2019/2020, изјави за клупскиот сајт Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.