Овидиу: Металург е тим што ќе има успеси во иднина

Стеауа дојде со десет играчи во Скопје, но го победи Металург со 28-29 во 8. коло од регионалната СЕХА лига. Гостинскиот тренер Михаи Овидиу е задоволен од прикажаната игра на неговите избраници и уште еднаш меѓу редови најави дека СЕХА за нив ќе биде во втор план во иднина.

„Среќен сум поради оваа победа, бидејќи во овој период Стеауа немаа доволен број на играчи. Дојдовме овде со десет играчи, моите играчи играа одлично, јас сум многу среќен и се надевам дека во иднина ќе ги имам сите играчи на располагање. Металург е добар млад тим и мислам дека во иднина ќе има успеси. СЕХА лига е добра за млади играчи, но во овој момент Стеауа нема втор тим и тешко е да се натпреварува во оваа конкуреција“, изјави Овидиу.

Стеауа со оваа победа остана во конкуренција за место на завршниот турнир и сега се наоѓа на 4. место со 15 бодови.