Обрадовиќ и донесе реми на Србија, Полска со минималец против Романија

Репрезентацијата на Полска со победа над Романија со 32:31 ги заврши квалификациите за Европското првенство во Хрватска на стартот на следната година. Иако и пред мечот беше јасно дека домашните немаат шанси, сепак сакаа пред своите гледачи во Гдањск да слават за крај. Полска водеше во текот на целиот меч, дури и со 8 голови, но во финишот Романија стигна до израмнување на 31:31. Сепак, за победата да остане дома се погрижи Пјотр Храпковски со голот на 18 секунди до крајот, за конечни 32:31.

Белорусија и Србија од истата група 1 се пласираа на ЕП, а последниот натпревар меѓу нив беше само за меѓусебен престиж и за влез во прв шешир пред ждрепката за групите на континенталниот шампионат. Заврши 27:27. Србите поведоа со 2:4 на стартот, но брзо контролата ја преземаа домашните ракометари, кои во неколку наврати имаа предност и со 5 голови. Сепак на крајот Немања Обрадовиќ со голот на 18 секунди до крајот израмни на 27:27, што сепак не е доволно за првото место во групата. Средниот бек даде 2 гола од 7 обиди, Вања Илиќ имаше 2 од 2, додека Марсениќ беше стрелец на 1, а Илија Абутовиќ не беше во составот.

Германија во неважен меч беше подобра од Швајцарија со 29:26.