Норвешка му зема мерка на Тунис

Еден од фаворитите за освојување на Светското првенство, Норвешка запиша победа на својот прв натпревар во рамките на групата Ц. Норвежаните ја совладаа репрезентацијата на Тунис со 34:24 и на тој начин тргнаа со убав резултат на Мундијалот.

Стартот на натпреварот беше со сосема различен ритам за разлика од финишот. Дуелот почна со израмнета игра, а по првите 12 минути резултатот беше 6:6. Во 12. минута беше моментот во кој Норвешка доби крилја и во следните пет минути направи серија од 5:0 со што почна нокаутирањето на противникот.

Полувремето заврши со 18:13 во корист на Норвежаните. Во вториот дел, она што го почнаa момците предводени од Кристијан Берге само го продолжија, а врвот на сè беше 56. минута во која Норвешка стигна до плус десет разлика, а воедно и највисока на натпреварот.

Магнус Јондал беше играчот кој беше најзаслужен за овој висок триумф и погоди десетпати. На спротивната страна, Жихед Жабалах беше стрелец на пет.