Норвежаните продолжија со победничкиот ритам

Репрезентацијата на Норвешка извојува сигурана победа против Австрија со 34:24 во рамки на 3. коло во групата Ц која се игра во Хернинг.

Како што беше очекувано Норвежаните стигнаа без проблеми до нови бодови. Во првото полувреме Австријците успеваа да се одржат на еден гол негатива и имаа активен резултат сè до финишот на полувремето. Тогаш стапија на сцена голманите на Норвешка кои со неколку одлични интервенции овозможија да се одвојат на три разлика 16:13, резултат со кој се отиде на одмор.

Во второто полувреме голманите продолжија да ги излудуват Австријците кои мака мачеа да постигнат гол дури и од зицер ситуации. На крајот собраа вкупно 15 одбрани и беа главни виновници што разликата се зголемуваше како што одминуваше наптреварот.

Најпрецизен во тимот беше главната ѕвезда на Норвешка, Сандер Сагосен со постигнати 8 гола, а гол помалку постигна крилото Магнус Јондал. Во селекцијата на Австрија најзабележителен настап имаше Јанко Божовиќ, кој постигна седум погодоци. За најкорисен играч на натпреварот беше прогласен репрезентативецот на Норвешка, Горан Јоханесен.

Светското првенство за двете репрезентации продолжува веќе утре кога во 18:30 часот  Норвешка за противник ќе го има Чиле, додека Австрија ќе се соочи со нов силен предизвик и ќе игра против домаќинот Данска во 20:45 часот.