Нов трансфер на повидок: Бразилка ќе ја менува Мавсар во Вардар?

Словенечката репрезентативка Тамара Мавсар на крајот на сезоната ќе го напушти Вардар, а македонскиот првак веќе е во активна потрага по нејзината наследничка, што ќе и прави друштво на Камила Херем на левокрилната позиција.

Во ракометните кулоари веќе се зборува дека Фернанда Да Силва, ракометарка на Битегхајм од Германија, која до лани играше за европскиот првак ЧСМ Букурешт би можела да се пресели во Скопје. Станува збор за 28-годишна бразилска репрезентативка, која игра одлично во двата правци и би можела да биде од голема корист за македонскиот првак.

Фернанда Да Силва кариерата ја започна во Методиста, а потоа се пресели на европскиот континент. Една сезона беше дел од Валенсија, а потоа четири сезони ги бранеше боите на Хипо, пред да се пресели во европскиот првак ЧСМ Букурешт. Актуелнава сезона игра за Битегхајм, со кој стигна до финалето на Купот на ЕХФ. За националниот тим на Бразил има одиграно 98 натпревари и постигнато 281 гол.

По голманката Маиса Песоа, Да Силва би била втората Бразилка во актуелнииот состав на македонскиот клуб. Претходно во Кометал ЃП играа Ана Каролина и Едуарда Аморим, а „црвено-црниот“ дрес, своевремено го носеше и левото крило Дајана Пирес де Роча.