Нов пивот во Автокоманда: Тео Чориќ потпиша за Металург!

Како што прв објави 24Ракомет, хрватскиот кружен напаѓач Тео Чориќ е ново засилување за македонскиот вицепрвак Металург. Тимот од Автокоманда можеше да остане без услугите на Адриан Миличевиќ поради повреда, но сега и тој тренира со остатокот од екипата.

Иако стратегот Данило Брестовац најави дека нема да се бараат нови играчи за пролетниот дел, очигледно е дека не сака да остане само со актуелниот играчки кадар пред битките во разигрувањето за титулата во македонската Суперлига.

Чориќ беше сметан за еден од поголемите таленти во хрватскиот ракомет, но како одминуваше времето, неговата форма одеше во надолна линија. Потекнува од Замет Ријека, а ги носеше дресовите на Пореч и Загреб, пред да се пресели во Германија.

Остана две сезони во Штутгарт, а сега во второлигашот Рајн Викингс, заедно со уште еден екс член на Металург, Миладин Козлина.