Ново засилување кај македонскиот шампион: Најдобриот стрелец од ЕП2018 доаѓа во Вардар!

Најдобриот стрелец на Европското младинско првенство, Грегор Оцвирк од денес е ново засилување за некогашниот европски, а актуелен македонски шампион Вардар. Деталите меѓу управите на Целје и Вардар се веќе завршени, па се очекува ракометарот наскоро да пристигне во Скопје.

300x250

Талентираниот 20-годишен словенечки репрезентативец игра на позиција лев и централен бек, а за словенечката репрезентација на последното Eвропско младинско првенство постигна 57 голови и беше прогласен за најдобар лев бек на турнирот. Оцвирк се најде во центарот на вниманието на ракометната јавност на почетокот на август кога во јавност ги изнесе несогласувањата меѓу ракометарот и управата на Целје. Беше желба на Веселин Вујовиќ во Железничар, но високото обештетување кое го бараше тогаш словенечкиот шампион го направија неговиот трансфер во Србија нереален.

Оцвирк не настапи ниту на струшкиот турнир иако Целје имаше обезбедено авионски билет за него, а тој не се појави ниту на подготвителниот период во својата екипа. Затоа пак управата на македонскиот првак најде заеднички јазик со словенечкиот гигант, па така Оцвирк ќе добие шанса да се докажува во „црвено-црните“ бои. 

Овој период управата на Вардар ќе биде активна на трансфер пазарот, бидејќи се уште се бараат соодветни решенија за ранливите позиции голман, пивот и лев бек, а наскоро се очекува клубот да ги промовира последните „новајлии“ за оваа сезона.