Ново засилување за ЖРК Вардар: Репрезентативката Саздовска во „црвено-црниот“ дрес

Македонската репрезентативка Јована Саздовска по една полусезона повторно се враќа во Македонија. Левото крило на Магура Чиснадије, го напушта романскиот шампионат и за прв пат ќе го облече дресот на европскиот вицепрвак ЖРК Вардар. Таа официјално е втората ракометарка која ќе го засили составот на Вардар за наредната сезона, откако клубот го најави и пристигнувањето на одличниот српски пивот Драгана Цвијиќ.

Голема чест е да се биде дел од еден ваков состав, каде е собран шлагот на светскиот женски ракомет и нетрпeливо ги очекувам летните подготовки за престојната сезона. Се надевам дека ќе бидам прифатена од соиграчите и очекувам брзо да се прилагодам во новата средина. -истакна Саздовска за 24Ракомет. 

Јована Саздовска потекнува од ракометната школа на Металург, каде се изгради како играч и спортист. Минатата полусезона замина за Романија во своето прво интернационално искуство, а одличните настапи за Магура Чиснадије ја промовираа во нова ракометарка на македонскиот првак ЖРК Вардар.

Саздовска е првата ракометарка која ќе ја пополни испразнетата позиција на лево крило, откако на крајот на оваа сезона Вардар го напуштија Тамара Мавсар и Камила Херем. Во наредниот период управата а клубот треба да го соопшти името на втората ракометарка која во тандем со Саздовска ќе напаѓа од левата страна.