Новиот суперлигаш фаќа залет: Работнички се поднови со четири ракометари

Новиот суперлигаш Работнички полека го формира ростерот за следната сезона, во која се враќа во елитното друштво по три години. Минатата сезона, предводени од Ристо Трпчевски Буцо, ракометарите на Работнички се изборија за бараж средба и убедливо го победија Прилеп.

По украинскиот десен бек Сулима, кој ќе го пополни местото на Кумогородски, Работнички ангажираше уште четири нови имиња. Станува збор за средниот бек Марио Гичев, кој претходно беше дел од Јуниор Кисела Вода и од Вардар, како и левиот бек Огњен Савковиќ, кој играше за Металург 2, Весна Акумулатори и Тиквеш.

Во Скопје ќе се преселат двајца млади играчи од Прилеп, десното крило Евгениј Темелкоски и бекот Михаил Свртинов. Сите четворица играчи потпишаа договори на две години, со можност потоа да бидат продолжени на уште две.