Нова СЕХА победа за унгарците: Два од два за Веспрем

На првиот дерби натпреварот од првото коло во СЕХА лигата, Татран е поразен на домашен терен од Веспрем со 29-32. Татран беше во водство цели 45 минути, но индивидуалниот квалитетот на унгарскиот шампион беше пресуден за пресврт и нови два бода за Веспрем и прво место на табелата. Во вториот дерби натпревар од првото коло екипата на Вардар го пречекува Металург.

1342_1409678099
Фото: www.seha-liga.com

Татран ја имаше иницијативата и првото водство со погодокот на Чип, водство кое во 21-та минута Антл го претвори во три голови разлика, 12-9. Последниот период од првиот дел помина во знакот на голманот на Татран, Крупа, кој со неколку одлични интервенции овозможи Фурлан на истекот на 30-та минута да го одведе домашниот тим на четири голови предност 16-12, како увертира на второто полувреме.

Вториот дел започна со два гостински гола на Чема Родригез и Ренато Сулиќ, на што домаќините одговорија  преку Рабек и Фурлан за последното водство од четири голови предност 18-14 во 36-та минута. Резултатскиот пресврт се случи од 40-та до 45-та минута, кога со серија од 3-0, Веспрем со голот на Иванчик го донесе првото изедначување на натпреварот 21-21, а во 47-та минута Ласло Наѓ му го донесе првото водство на Веспрем, 21-22. Од тој момент следуваше потполна доминација на гостинските ракометари, Татран го изгуби чекорот со темпото на унгарскиот шампион. Во последната минута гостите влегоа со три голови предност 28-32, но Урбан го ублажи поразот на Татран и стави точка на натпреварот со својот втор гол за конечни 29-32.

Момир Илиќ со 7 погодоци, беспрекорниот Ренато Сулиќ со 6 и Ласло Наѓ со 5, го предводеа Веспрем до победата. Во таборот на Татран, Антл со 8, Фурлан со 5 и Чип со стопроцентни 6 погодоци беа најдобрите поединци во тимот.